Во првата половина од 2025 година, Кина речиси ги престигна САД како главен трговски партнер на Германија, покажаа прелиминарните податоци од Германскиот федерален завод за статистика, бидејќи германскиот извоз во САД се намали под влијание на повисоките царини.
Во периодот од јануари до јуни, вредноста на германската трговија со САД изнесуваше 126,5 милијарди евра, додека вредноста на трговијата со Кина достигна 125 милијарди евра, покажуваат сезонски и календарски прилагодените податоци од Дестатис.
„Иако САД успеаја да ја одбранат својата позиција како најважен трговски партнер на Германија, предноста во однос на германската трговија со Кина е исклучително мала“, рече Винсент Стамер, економист во германската Комерцбанк.
САД ја презедоа улогата на најголем трговски партнер на Германија во 2024 година, симнувајќи ја од тронот Кина, која ја држеше таа позиција осум години по ред. Промената се случи во време кога Берлин се обидуваше да ја намали својата зависност од Кина, наведувајќи ги политичките разлики и обвинувајќи го Пекинг за нефер практики.
Сепак, трговската динамика повторно се промени на почетокот на оваа година кога Доналд Трамп се врати во Белата куќа и повторно воведе царини. Според трговскиот договор постигнат меѓу САД и ЕУ во јули, повеќето производи увезени во САД ќе бидат предмет на царина од 15 проценти.
„Германскиот извоз во САД веројатно ќе продолжи да опаѓа во остатокот од годината, можеби дури и поостро од претходно“, рече Јирген Матес, раководител на меѓународната економска политика во Германскиот економски институт во Келн.
Вредноста на германскиот извоз во САД во првата половина од годината изнесуваше 78,9 милијарди евра, што е намалување за 3,1 процент во однос на истиот период минатата година, покажуваат сезонски и календарски прилагодените податоци./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...