Иако швајцарската претседателка Карин Келер-Сатер го напушти мајскиот состанок со американскиот министер за трговија Скот Бесант со насмевка, уверена дека постигнала договор за воведување царина од 10 проценти наместо најавените 31, Вашингтон сепак воведе многу повисока царина за Женева, дури 39 проценти. Оваа царинска стапка ја рангира Швајцарија на четврто место во светот по нивото на американските царини, веднаш зад Сирија, Лаос и Мјанмар.
Непосредно пред 1 август, крајниот рок за завршување на трговските преговори со САД, претседателката се обиде да го спречи овој исход преку директен разговор со Трамп, но без успех.
Швајцарскиот весник „Блик“ ја нарече оваа царинска мерка „најголемиот швајцарски пораз од Битката кај Марињано во 1515 година“. Мислењата во земјата се поделени, додека некои веруваат дека Швајцарија била премногу строга во преговорите, додека други ја критикуваат дека е премногу попустлива. Третите, од друга страна, ладнокрвно наведуваат дека Швајцарија е едноставно премногу мала за да го склучи големиот договор со Трамп на кој се надеваше.
Новиот трговски поредок што го воведуваат САД, според Би-Би-Си, никому не му носи добри вести.
Американскиот претседател со години се обидува да ги корегира трговските дефицити што САД ги имаат со одредени земји преку царини, иако повеќето економисти не се согласуваат со ова. Тој верува дека царините ги штитат домашните производители и работните места, особено во секторите кои со децении се соочуваат со жестока странска конкуренција.
Трговскиот дефицит на САД со Швајцарија изнесуваше 47,4 милијарди долари во 2024 година. Кога ќе се вклучат услугите, тој се намалува на 22 милијарди. Швајцарија најмногу извезува фармацевтски производи, златен накит, часовници и машински алати во САД.
Во обид да се намали нерамнотежата, швајцарската влада ги укина царините за американските индустриски производи, додека големи компании најавија повеќемилионски инвестиции во производствени капацитети во Соединетите Американски Држави.
Денес, Швајцарија е шестиот најголем странски инвеститор во САД, а нејзините компании директно вработуваат околу 400.000 луѓе во таа земја.
Швајцарските фирми сега предупредуваат дека десетици илјади работни места би можеле да бидат изгубени ако царината од 39 проценти остане во сила, откако ќе се примени на 7 август.
Би-Би-Си наведува дека Женева има многу малку простор за контрамерки и веќе им понудила на САД речиси сè што има.
Единствената преостаната опција би можела да предизвика сериозна трговска војна: повлекување на најавените инвестиции, воведување реципрочни царини и откажување на нарачките за американски борбени авиони.
Карин Келер-Сатер испрати јасна порака во петокот: одговорноста за трговската криза е кај – Доналд Трамп./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...