Centar.mk
БИЗНИС

Дурмиши: Го враќаме инклузивниот дијалог и поставуваме реална основа за социјални и економскиполитики

На четвртата седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши ја истакна важноста од повторното активирање на трипартитниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, кој претставува суштински механизам за социјална кохезија и економски напредок. Тој ги поздрави новите претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, со што, како што рече, се враќа легитимитетот на Советот.

Министерот информираше дека е успешно завршена постапката за утврдување на репрезентативноста на синдикатите – прашање што подолг период го блокираше нормалното функционирање на ЕСС. Воедно, се предложени измени на Законот за работни односи, со кои прагот за репрезентативност се намалува од 10 на 5 проценти, со цел да се поттикне поинклузивен и плуралистички социјален дијалог.

Во фокусот на седницата беше и Ревидираниот Оперативен план за вработување за 2025 година. Со направените измени:
-бројот на лица опфатени со мерките за самовработување се зголемува од 1.730 на 2.545 лица;
-буџетот за овие мерки се зголемува од 16,08 на 23,58 милиони евра;
-вкупниот буџет на планот достигнува 42,6 милиони евра и ќе опфати 16.872 невработени лица.

Средствата се обезбедени преку пренамена на неискористени буџетски ставки и со ребаланс на Буџетот.

Министерот Дурмиши го претстави и процесот за изработка на нова, официјална методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, заснована на проверливи и релевантни податоци од Анкетата за потрошувачка на домаќинства, спроведена од Државниот завод за статистика. Новата кошничка ќе служи како основа за градење политики поврзани со минималната плата и социјалните трансфери и ќе биде усогласена со европските стандарди.

Во однос на барањата за утврдување на минимална плата во фиксен износ, министерот потенцираше дека тоа би барало измена на законот, но и дека Владата секогаш го поддржувала дијалогот меѓу работниците и работодавачите.

„Ние никогаш не сме биле против зголемување на платите – напротив, работиме на тоа да има подобар стандард за граѓаните преку поддршка на малите и средни претпријатија, преку инвестиции и мерките од Оперативниот план. Во изминатата година веќе ги зголемивме платите во повеќе сектори – здравство, образование, полиција. Но мора да се има предвид дека минималната плата е уредена со Закон, со јасни и договорени критериуми, донесени со согласност од сите социјални партнери меѓу кои се и работодавачите. Не можеме да водиме економија со еднострани мерки. Минималната плата мора да го следи растот на продуктивноста – во спротивно, ризикуваме инфлаторни ефекти кои пак бараат нови интервенции. , додаде тој.

Во однос на инфлацијата, министерот информираше дека заклучно со јуни, таа изнесува 0,8% (споредено со 1,5% во мај), што е позитивен сигнал за стабилизација на цените. Најголем пораст бележат транспортот, дел од земјоделските производи и берзански стоки, но со внимателна координација со Народната банка и Министерството за финансии се очекува задржување на ценовната стабилност.

На крајот, министерот порача дека Владата останува посветена на економски раст, заштита на работниците и балансирани социјални политики, нагласувајќи дека само преку конструктивен дијалог со сите социјални партнери може да се донесат квалитетни и одржливи политики.

Можеби ќе ве интересира

Царина и АХВ потпишаа нов меморандум за соработка – Заеднички против сите обиди за криминал со храна, безбедноста приоритет

ДЕСК

Народната банка објавува повик за пријавување трудови за 56. сесија на Клубот на истражувачите

ДЕСК

Прва заедничка координација на Управниот и Надзорниот одбор на МЕПСО во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини

ДЕСК
error: Соддржината е заштитена.