Шејн Девон Тамура (27), напаѓачот кој вчера уби четири лица во деловна зграда во Њујорк, пред да си го одземе животот, оставил проштално писмо во кое тврдел дека боледува од хронична трауматска енцефалопатија (ЦTE) и побарал неговиот мозок да биде анализиран по смртта, јавува „Си-ен-ен“.
Во краткото писмо од три страници, пронајдено во неговиот џеб по пукањето, Тамура напишал: „Тери Лонг и американскиот фудбал ми ја донесоа ЦTE, поради што испив литри антифриз. Не можете да се борите против NFL – ќе ве згази.“ Тери Лонг, поранешен играч на Pittsburgh Steelers, беше дијагностициран со ЦTE и изврши самоубиство во 2005 година.
Тамура во пораката додал: „Ве молам, проучете ми го мозокот. Жал ми е. Кажете им дека ми е жал за сè.“
Според извори на „Си-ен-ен“, Тамура во младоста играл американски фудбал, што дополнително го поддржува неговото тврдење дека страдал од ЦTE – болест што најчесто се поврзува со повторувачки удари во глава кај спортисти, дури и без забележани потреси на мозокот.
Според досегашните сознанија, Тамура бил незадоволен од начинот на кој Националната лига за американски фудбал (NFL) со години го игнорира проблемот со ЦTE, кој е потврден кај бројни поранешни играчи по нивната смрт, а многумина имаат проблеми и додека се живи. Полицијата претходно објави дека Тамура имал „историја на ментални нарушувања“.
Тој влегол со пушка во зградата каде се наоѓа седиштето на NFL и почнал да пука во фоајето, а потоа и на 33. кат, пред да си го одземе животот. Еден вработен во NFL е тешко повреден, додека останатите биле навреме евакуирани.
Пријател од училишните денови, Калеб Кларк, го опишал Тамура како „најголемиот шегаџија во одделението, полн со енергија“. „Никогаш не би помислил дека би можел да биде поврзан со насилство. Луѓето му велеа дека е талентиран и посебен, но тој никогаш не кажуваше дека ќе игра во NFL,“ изјавил Кларк.
Во 2015 година, Тамура се преселил во Гранада Хилс и работел во казино во Лас Вегас, каде што поседувал дозвола за носење оружје./Извор:Makfax
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...