Акцијата „Со книга на плажа“ на „Матица македонска“ се одвива со голем интерес на македонските читатели. По еден месец откако по 26. пат почна оваа традиционална акција, податоците говорат дека македонските читатели имаат сѐ поголем интерес за нови книги на македонски јазик. Интересот е голем кај сите генерации читатели, при што и натаму, одделно радува интересот за книгите од македонските автори.
Особено важно – и во време на експанзија на дигиталните медиуми и постојана екранизација, голем е интересот за книгите и кај младите, поновите генерации читатели. Посветеноста на читањето кај младите за којашто сведочи нивниот интерес за акцијата „Со книга на плажа“, и тоа не само за преведената литература, туку и за делата од македонски автори, вклучително и најновите изданија, потврдува дека и во време кога сѐ повеќе се говори дека новите генерации не читаат или барем малку читаат, Македонија и натаму има вистински читатели. И не само тоа – интересот на младите укажува дека и во времето пред нас, Македонија ќе има вистинска, посветена читателска публика.
Поттикнати од читателскиот интерес, во текот на акцијата, од тимот на „Матица македонска“ одлучија сите изданија да бидат овозможени по половина цена, а специјален попуст имаат сите изданија што се дел од лектирата во основните и средните училишта. Податоците говорат дека кај македонските ученици и нтаму има интерес за старата добра навика, лектирите да се читаат во текот на летниот распуст, поради што тие или нивните родители ја користат акцијата „Со книга на плажа“, при што одделно радува нивниот интерес и за лектирните изданија од македонски автори. Податоците укажуваат дека мисијата на клубот „Матица“ продолжува да се остварува – популаризација на македонската книжевност, но и поголем интерес за книгата во Македонија воопшто.
Покрај македонските, со акцијата „Со книга на плажа“ се опфатени и најбараните и најчитани странски книги и автори во превод на македонски јазик. Сепак, посебен аккцент е ставен на книгите од македонските автори. Романи за сите генерации, семејни приказни, автобиографии, фанстастика, филозофија, психологија, историја, драма, трилер, мистика, есеистика, гастрономија, право и политика, лексикографија, книги за деца, енциклопедии, духовна литература, книжевна критика, поезија и разни креативни изданија се опфатени со ова издание на традиционалната акција на „Матица македонска“.
Акцијата „Со книга на плажа“ трае до 20 август.
НАЈЧИТАНО НА ИНТЕРНЕТ...