Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Зошто границата меѓу Тајланд и Камбоџа и понатаму е спорна?

Најмалку 12 лица загинаа во вооружениот судир меѓу Тајланд и Камбоџа, кој почна рано утрово, објавија армиите на двете земји тврдејќи дека првите истрели биле лансирани од другата страна.

Тајландската војска соопшти дека вооружените сили од соседна Камбоџа отвориле оган врз спорната погранична област во близина на храмот „Та Моан Том“, на речиси 360 километри од главниот град Бангкок.

„Еден војник и 11 цивили беа убиени во вооружени судири“, изјави тајландскиот министер за здравство, Сомсак Тепсутин.

Вкупно 35 лица беа погодени од нападот, додаде Тепсутин.

Во меѓувреме, камбоџанскиот премиер Хун Манет побара од Советот за безбедност на ОН да свика итен состанок поради денешните судири, објавува „Гардијан“.

„Со оглед на неодамнешните исклучително сериозни агресии од страна на Тајланд, кои сериозно ги загрозија мирот и стабилноста во регионот, искрено ве молам да свикате итен состанок на Советот за безбедност за да се запре агресијата на Тајланд“, напиша Манет во писмо до Асим Ифтихар Ахмад, постојан претставник на Пакистан во ОН и претседател на Советот за безбедност за јули 2025 година.

Во писмото се обвинува Тајланд за „непровоцирани, планирани и намерни напади“ врз камбоџанските позиции по должината на граничните области.

И Тајланд и Камбоџа се обвинуваат меѓусебно за вооружен конфликт

Тајланд и Камбоџа се рангирани меѓу најпријателските земји во светот, а само пред пет години овие соседи од Југоисточна Азија веруваа дека нивното пријателство не може да се прекине, според TIME.

„Бидејќи споделуваме долга граница, двајцата знаеме дека мора да живееме и да растеме заедно“, му рече тогашниот тајландски амбасадор во Камбоџа, Панјарак Пултуп, на тогашниот камбоџански премиер Хун Сен. „Политичката волја е секогаш тука за решавање на сите проблеми што може да се појават“.

Сепак, во последните месеци билатералните односи се спуштија на опасни нивоа, а двете земји сега се вклучени во вооружен конфликт на границата.

Првиот конфликт во годината избувна на 28 мај кога командант на камбоџанската армија беше убиен во судир меѓу силите од двете земји во област наречена Смарагден Триаголник, на заедничката граница на Тајланд, Камбоџа и Лаос. Областа останува спорна бидејќи и Тајланд и Камбоџа тврдат дека имаат делови од неа.

Двете страни се обвинуваат меѓусебно за агресија: Министерството за одбрана на Камбоџа тврди дека тајландската армија отворила оган врз ров, кој бил база на камбоџанската армија, што довело до смрт на еден војник, а тајландската армија изјави дека нејзините војници реагирале само кога камбоџанските сили почнале да користат оружје за време на несогласување во спорната област.

Хун Сен, кој во 2023 година му ја отстапи функцијата премиер на својот син, но остана претседател на Сенатот и ефективен лидер на земјата, рече дека ја поддржува „одлуката за испраќање војници и тешко оружје на границата како подготовка за контранапад во случај на понатамошна инвазија“.

„Мразиме војна, но сме принудени да ја водиме кога се соочуваме со надворешна агресија“, рече Хун Сен.

Како членки на регионалниот блок АСЕАН, Камбоџа и Тајланд се обврзани според Уставот на организацијата мирно да ги решаваат споровите.

Иако двете земји првично го зголемија своето воено присуство на своите страни од границата, на 8 јуни се чинеше дека се обидуваат да ги смират тензиите со враќање на своите сили на воените позиции договорени претходната година. Премиерот Паетонгтарн рече дека земјите се согласиле „заеднички да ги приспособат воените сили на завојуваните точки за да ја намалат атмосферата на конфликт“.

Но, конфликтот ескалира преку меѓусебни казнени мерки, кои се чинеше дека имаат цел да го смират растечкото националистичко расположение од двете страни.

Тајландската војска ја презеде контролата врз граничните премини, а Бангкок се закани дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија и интернет за Камбоџа. Камбоџа одговори со забрана на тајландските медиуми, како што се телевизијата и филмовите, и прекинување на интернет-врските преку границата.

Понатамошна ескалација се случи кога камбоџанскиот премиер Хун Сен објави на 16 јуни дека Камбоџа доставила официјално писмо до Меѓународниот суд на правдата во кое бара решение за граничните прашања. „Камбоџа го избира меѓународното право и мирот“, рече тој ден.

Тајландското Министерство за надворешни работи ја отфрли интервенцијата на МСП и јасно го стави до знаење своето претпочитање за билатерални разговори, тврдејќи дека „трета страна не може секогаш да биде корисна за одржување пријателски односи меѓу државите, особено за чувствителни прашања од историска, територијална или политичка природа“.

Еден ден подоцна, на 17 јуни, Камбоџа забрани увоз на земјоделски производи од Тајланд, а Тајланд им забрани на своите граѓани да ја преминуваат границата за да работат во казина и други места за забава во Поипет, Камбоџа.

Во јули, се случија сериозни инциденти со мини по должината на тајландско-камбоџанската граница, дополнително влошувајќи ги постојните тензии меѓу двете земји.

Првиот регистриран инцидент се случи на 16 јули, кога тројца тајландски војници беа сериозно повредени откако стапнаа на противпешадиска мина додека патролираа во близина на Чонг Бок, покраината Убон Рачатани. Истрагите открија дека мините биле стари мини PMN-2 од руско потекло, кои не се во употреба или складирани од тајландската војска, што укажува дека најверојатно биле новопоставени.

Седум дена подоцна, на 23 јули, пет тајландски војници беа повредени во нов инцидент кога и тие нагазија на мина во истата област.

Еден од нив изгубил нога, а тајландските власти тогаш ја обвинија Камбоџа дека поставила нови мини во пограничната област. Камбоџа ги отфрли обвинувањата.

Тајландските власти тврдат дека ова е намерно кршење на меѓународното право и Конвенцијата за забрана на мини, и дека мините биле поставени од камбоџанската страна со цел да се провоцира и загрози тајландскиот суверенитет.

Од друга страна, Камбоџа негира дека поставила нови мини на границата, нагласувајќи дека сè уште има многу неексплодирани мини и друга остатоци од воена опрема низ целата нејзина територија – наследство од граѓанската војна и немирите што траеја од 1970 до 1998 година.

Камбоџа и Тајланд делат копнена граница од 817 километри, но таа граница е во голема мера дефинирана со колонијални карти создадени од Французите кога ја окупирале Камбоџа од 1863 до 1953 година. Картата од 1907 година се базирала на договорот дека границата е повлечена по природниот слив помеѓу Тајланд и Камбоџа.

Сепак, Тајланд подоцна ја оспори картата бидејќи храмот Преах Вихер, изграден во 11 век на планината Дангрек, бил прикажан како дел од камбоџанската територија.

Спорот, како и историските разлики во картографските методи, доведоа до делови од границата што двете земји ги побаруваат.

Обидите за разјаснување на демаркацијата се преземаат со години. Во 1959 година, Камбоџа го тужеше Тајланд пред МСП за храмот Преах Вихер, а судот пресуди во корист на Камбоџа во 1962 година, велејќи дека храмот ѝ припаѓа на таа земја. Тајланд ја прифати одлуката во тоа време, но тврдеше дека околните области остануваат спорни, што дополнително ги комплицира граничните премини.

Тензиите се зголемија во 2008 година кога Камбоџа побара статус на светско наследство на УНЕСКО за Преах Вихер. Откако храмот доби признание во јули, избувнаа воени судири меѓу камбоџанските и тајландските сили во пограничната област.

Овие конфликти продолжија со години, достигнувајќи врв во 2011 година со раселување на околу 36.000 луѓе и обновена жалба на Камбоџа до МСП за толкување на претходна пресуда, која судот ја потврди во 2013 година.

Тајланд, во меѓувреме, инсистираше на билатерален пристап за решавање на спорот, формирајќи ја Заедничката комисија за демаркација (ЗКД) во 2000 година. Камбоџа учествуваше во ЗКД, но состаноците, вклучувајќи го и најновиот одржан на 14 јуни во Пном Пен, генерално не резултираа со значителен развој на настаните./Извор:Makfax

Можеби ќе ве интересира

Песков: Средба меѓу Путин и Зеленски пред крајот на август е малку веројатна

C +

Трагедија во Грција: бебе се задави со сувлаки – итно било префрлено во болница, но немало начин да се спаси

C +

Зеленски: Подготвени сме да купиме 10 системи „Патриот“, само треба да најдеме средства

C +