Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-МАКЕДОНИЈА

СДСМ: ВМРО ДПМНЕ ги излажа земјоделците, намалени субвенциите за прв пат во историјата

Интегрален текст од денешната прес конференција на СДСМ, Александар Димитриевски, Комисија за земјоделство

Почитувани граѓани,

Почитувани медиуми,

Владата на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го понижи трудот и достоинството на македонскиот земјоделец. Со кратењето на парите за земјоделство во ребалансот, власта удри по грбот на земјоделците и покажа дека и овој сектор не ѝ е важен.

Земјоделството, кое е еден од двигателите на економијата, а истовремено и извор на егзистенција на многу семејства – денес е жртва на незаинтересираноста и неодговорноста на владата на ВМРО-ДПМНЕ.

За прв пат од воведувањето на субвенциите во 2005 година, се кратат средства – финансиска поддршка за развој на земјоделството и за земјоделците.

Пред избори ветуваа историски највисока поддршка, денес испорачуваат историски најниска поддршка – тоа е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ.

Во изминатите 7 години, во периодот на владата на СДСМ, не се има случено намалување на поддршката за земјоделците. Во 2023 година, финансиската поддршка изнесуваше 8,3 милијарди денари, а со ВМРО-ДПМНЕ е намалена на 6,7 милијарди денари.

Тоа значи над 30 милиони евра помалку за земјоделството – сектор од клучно значење за економијата и за обезбедување храна. Наместо со финансиска поддршка да го зголеми домашното производство на земјоделски производи – кое е најсигурно, најквалитетно и најисплатливо – владата свесно го турка во колапс, отворајќи простор за увоз на скапи производи.

Дополнително, после две години предвремена, авансна исплата од 30%, оваа година ВМРО-ДПМНЕ го укинува и тоа – нема да има.

ВМРО-ДПМНЕ го намали и буџетот за програмата за рурален развој. Нема повеќе програми за мали семејни бизниси.

Токму тие програми беа надеж за младите да се занимаваат со агробизнис, но и можност за развој на руралните средини.

Од ветените 180 милиони евра субвенции што ВМРО-ДПМНЕ ги најавуваше, во буџетот остануваат едвај 110 милиони. А со укинување на лимитот за директни плаќања од

18 милиони денари, повторно се фаворизираат големите компании на штета на малите производители.

Цената на оризовата арпа, од 40 денари, е намалена на само 26 денари – најниска во последните години. Цената на млекото е исто така намалена, а пченицата не може да достигне ни приближно 12 денари. Производната цена за грозјето, иако е законска обврска, сè уште не е јавно објавена. Истовремено, историската откупна цена на грозјето е зголемена за само 50 денари.

Ова е директен удар врз семејните земјоделски стопанства, врз нивниот буџет и врз достоинството на луѓето кои со чесна работа го хранат народот.

Ова е јасен показател дека нема да има ништо од лажно ветените реформи на ВМРО-ДПМНЕ во земјоделството ниту во следните години.

СДСМ покажа што значи вистинска грижа за земјоделците и во најголемите кризи. Го вративме достоинството на земјоделецот и секогаш ќе бидеме на страната на земјоделците – со предлози и решенија за развиено земјоделство и задоволни земјоделци.