Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Муцунски – Герапетритис: Грција ја поддржува Македонија на нејзиниот европски пат

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска, во рамки на работната посета на Грција, оствари средба со шефот на грчката дипломатија, министерот Јоргос Герапетритис.

Министрите Муцунски и Герапетритис изразија задоволство од денешната средба, во период кога двете страни посветено работат на унапредување на односите помеѓу двете земји. Притоа имаа отворен разговор и размена на мислења за повеќе прашања од заеднички интерес соопштија од Министерството.

На средбата, од страна на министерот Муцунски била изразена искрена благодарност за солидарноста што Грција ја покажа за време на трагедијата во Кочани и неодамнешните итни состојби во близина на Дојран. „Тоа не беа само гестови на помош – туку вистински дела на пријателство“, истакна министерот Муцунски.

На средбата стана збор и за безбедноста – како на регионално, така и на глобално ниво. Беше потврдено заедничкото делување во рамките на НАТО и потребата од блиска координација во овие неизвесни времиња. Воедно, министрите се осврнаа на процесот на евроинтеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија. Во оваа насока, министерот Герапетритис ја нагласи силната поддршка за нашиот евроинтеграциски пат.

„Сакам уште еднаш да ја истакнам поддршката на Грција за напредокот на Северна Македонија на нејзиниот европски пат, врз основа на воспоставените условности и принципот на сопствени заслуги, со посебен фокус на основните критериуми“, додаде грчкиот министер Герапетритис.

Почитувањето на меѓународното јавно право останува императив за двете страни, а билатералните односи, како и досега, ќе се засноваат на меѓусебно разбирање како соседи и сојузници во НАТО, констатираа двајцата министри како заклучок од средбата.

Во фокусот на средбата беше унапредувањето на соработката помеѓу двете земји, а акцентот беше ставен на потенцијалот за економска соработка помеѓу двете држави, како и на соработката во делот на инфраструктурата и енергетиката.

„Нашиот фокус беше и на резултати кои носат придобивки за граѓаните. Инвестиции. Трговија. Инфраструктура. Енергија. Разговаравме за проекти како Kоридорот 10 и гасниот интерконектор – не само како технички проекти, туку како двигатели на раст, безбедност и регионална поврзаност“, нагласи министерот Муцунски по средбата./Извор:Makfax