Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Владина прес служба
МАКЕДОНИЈА

Родителите од Кочани: Мицкоски ни рече да си одредиме цена за нашите деца

Родителите на загинетите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани велат дека нивното барање со државниот врв, завршило со средба со премиерот, Христијан Мицкоски, на која како што тврдат, се соочиле со навреда и газње по нивната болка.

На 1 јули, тие испратиле барање до премиерот Христијан Мицкоски, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Собранието Африм Гаши. По две недели, единствен одговор добиле од кабинетот на премиерот, кој закажал состанок на 7 јули во Скопје.

И покрај нивната желба средбата да се одржи во Кочани, им било соопштено дека безбедносните услови не дозволуваат патување на премиерот, па состанокот се одржал во Владата.

На средбата, премиерот рекол дека барањето го гледа за првпат, а во врска со барањето за еднократна парична помош, изјавил: „Ова барање е исто како предлогот на СДСМ, само што вие немате ставено цена. Одредете си цена за вашите деца.“, тврдат родителите.

Велат дека тоа е навреда што никогаш нема да ја заборават и порачаа: „Доста е! Доста со манипулации. Доста со потценување на нашата болка. Доста со лаги и игри врз сметка на животите на нашите деца!“

Потенцираат дека немаат политички агенди и дека нивната единствена цел е правда за 62-те млади животи кои загинале.

„Нашите деца се херои. Ако вие не знаете да ја водите државата, ако не знаете да обезбедите правда… отстапете го вашето место на некој што знае, што умее, што има совест и храброст.“

Родителите го повикуваат премиерот и институциите да престанат со одолговлекување, додавајќи дека судскиот процес уште не започнал, а осомничените шетаат слободно.

Тие бараат правична истрага и одговорност за трагедијата во дискотеката, како и финансиска и морална поддршка./Извор:Makfax