Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Онлајн коцкањето не се затвора, ќе го преземе целосно државата

Пред само неколку месеци, Изет Меџити од Демократското движење, објави дека „ќе ги тргнеме игрите на среќа и коцкањето од телефоните на децата“. Но, со новиот предлог-закон којшто лично го промовираше Меџити, не само што нема да се забрани онлајн игрите на среќа, туку и ќе се легализираат исклучиво под капа на државата.
Имено, според предлог-законот за игрите на среќа, што го усвои Владата, интернет игрите на среќа сепак ќе бидат организирани, ама исклучиво од државно трговско друштво.

„Интернет игрите на среќа Република Северна Македонија самостојно ги приредува со основање на трговско друштво за приредување на игрите на среќа во кое Република Северна Македонија е единствен акционер“, гласи една одредба во предлог-законот.

Оваа законска одредба значи дека лиценцираните приватни приредувачи повторно ќе бидат целосно исклучени од организирањето на онлајн игри на среќа, но игрите на среќа на интернет не само што нема да згаснат, туку ќе бидат под контрола и со амин на државата.

Според предлог-законот, не постои можност за паралелно лиценцирање на други оператори за интернет игри, освен доколку не бидат ангажирани како „надворешни правни лица“ преку јавен повик од самото државно друштво што значително го ограничува пазарниот плурализам и фер конкуренцијата.

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) во својата првична реакција на законот остро се спротивстави на овие одредби од законот.
„Државата јасно и недвосмислено воспоставува монопол врз приредувањето на интернет игрите на среќа, целосно исклучувајќи ги лиценцираните приредувачи, кои нема да можат да добијат право да приредуваат посебни игри на среќа преку интернет“, стои во соопштението од Асоцијацијата.

Со ваквиот пристап, државата ризикува не само правни и економски последици, туку и дополнително јакнење на нелегалните онлајн платформи кои дејствуваат надвор од контролата и надзорот на македонските институции.

Всушност, иако Меџити и неговите соработници гласно се залагаа за укинување на онлајн коцкањето и ограничување на останатите игри на среќа, во целиот изминат период без проблем функционира онлајн коцкањето преку платформата „„Мега вин“ која е под државна капа. Се поставува прашањето дали државата вистински сака да го спречи онлајн кладењетои или сака да си го земе под целосна контрола и да управува со овој сектор.