Интегрален текст од денешната изјава за медиуми на Розалија Ангеловска, членка на Комисијата за образование и наука на СДСМ:
Почитувани граѓани,
ВМРО-ДПМНЕ го партизира секој сегмент од општеството, дури и онаму каде што најмалку треба да има политика- во образованието. Ова е опасен, свесен и систематски напад врз она што треба да биде темел на едно праведно и хумано општество.
Денес повторно сме сведоци на нов скандал на Владата на ВМРО-ДПМНЕ со партиски вработувања – овојпат ударот е директен кон најранливите- ги одземаа образовните асистенти на учениците со попреченост.
Минатогодишниот скандал со доцнењето во процесот на ангажирање на образовни асистенти оваа година го надградија со уште поголем скандал – постоечките асистенти ги заменија со нови партиски вработувања.
Четири години образовните асистенти професионално работеа со учениците со попреченост во училиштата – но сега се заменети со лица чиј единствен „квалификатив“ е партиката припадност.
На последниот оглас тие ни ги добија потребниот број на поени кои се добиваат врз основа на досегашното работно исксутво, за да добијат нов работен ангажман.
Јавно ја прашуваме министерската Јаневска – дали имате малку свест и дали може мирно да спиете знаејќи дека учениците со попреченост на 1 септември нема да го имаат својот образовен асистент до себе – лицето на кое што му веруваат, лицето со кого го минуваат денот во среќа и лицето со кои напредуваат во образованието.
Дали министерки знаете каква штета им нанесувате на овие деца и на нивните родители?
Вие, министеркe, заедно со вашата партија, наместо да ги решавате проблемите, вие создавате нови. Очгледно не ви е важен образовниот процес на овие деца. Важно ви е по секоја цена зголемувањето на вашата партиска војска.
Ако навистина се грижевте за овие семејства, ќе носевте закони и политики што ги штитат. Но вие менувате правилници за да им ја отворите вратата на нови партиски вработувања. Пред само еден месец го сменивте Правилникот за норматив за образовни асистенти, опис на компетенции и работни задачи, и сега веќе не се вреднува работното искуство, знаењето, обуките на постоечките асистенти, туку се вреднува нешто друго, можеби партиските книшки.
Ова е вистинската слика на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, го руши дигнитетот и авторитетот на вработените во образованието. Секогаш кога се на власт,најмногу страдаат оние кои најмалку треба да бидат повредени: децата.
Почитувани,
СДСМ како одговорна партија бара итна ревизија на огласот за образовни асистенти и враќање на професионалците кои четири години се столбот на инклузивното образование. Бараме целосна департизација на образовниот систем и враќање на достоинството на наставниците, професорите и стручните кадри.
Образованието мора да биде натпартиска и надетничка тема.Се работи за нашата иднина. Нема да дозолиме враќање во црни времиња каде што политичките интереси ја газат човечката вредност.