Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Фото Владина прес служба на Израел
СВЕТ

Нетанјаху се надева на договор: Сакам да ги извлечам сите заложници, и живите и мртвите

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, вчера изјави дека се надева дека во рок од неколку дена ќе се постигне договор за ослободување на заложниците што ги држи палестинската исламистичка група Хамас.

Нетанјаху рече дека Хамас сè уште држи 50 заложници. Од тој број, како што истакна, се верува дека само дваесет се сè уште живи.

„Сакам да ги извлечм сите. Сега имаме договор според кој треба да добиеме половина живи и половина мртви“, рече Нетанјаху во интервју за „Њузмакс“.

„Така, 10 заложници ќе останат живи и околу 12 починати заложници, но ќе ги извлечам и нив. Се надевам дека ќе можеме да го завршиме за неколку дена“, додаде тој.

На 7 октомври 2023 година, Хамас го нападна јужен Израел, убивајќи околу 1.200 луѓе и земајќи 251 заложник, според израелските бројки. Израелската одмазда уби повеќе од 57.000 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа. Со тоа поголемиот дел од Газа беше сведен на урнатини. Двете страни се согласија на два прекина на огнот, едниот во ноември 2023 година, а вториот во јануари 2025 година.

Нетанјаху рече дека Израел и Хамас веројатно ќе имаат 60-дневен прекин на огнот. Хамас вчера изјави дека постојат неколку спорни точки во тековните разговори за прекин на огнот, вклучувајќи го протокот на помош, повлекувањето на израелските сили од Појасот Газа и „вистинските гаранции за траен прекин на огнот“.

Интервјуто на Нетанјаху доаѓа во време кога израелскиот премиер ја завршува својата трета посета на Вашингтон откако претседателот Доналд Трамп ја презеде функцијата во јануари. Зборувајќи за Трамп, израелскиот лидер рече дека неговата земја никогаш немала таков пријател и таква поддршка за Израел од Белата куќа.

Минатиот месец, САД му се придружија на Израел во нападот врз Иран, потег за кој Трамп рече дека уништил три нуклеарни постројки на Иран.

„Во рок од неколку месеци тие можеа да произведат атомски бомби“, додаде Нетанјаху./Извор:Makfax