Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
-МАКЕДОНИЈА

Повеќе од 246 илјади граѓани закачени на Системот за единствена најава на Министерството за дигитална трансформација

Министерството за дигитална трансформација овозможува услови сите граѓани да користат една е-маил адреса и една лозинка за регистрација на различните системи во државата, на лесен, брз и ефикасен начин. Оваа можност досега ја искористиле над 246 илјади граѓани во повеќе институции.

Граѓанинот може да се регистрира на Системот за единствена најава (СЕН) доколку е полнолетен граѓанин на Македонија, или има регулиран престој согласно важечките законски прописи. При првата регистрација, граѓанинот автоматски станува и корисник на Националниот портал за електронски услуги – uslugi.gov.mk.

Најнови институции кои го користат системот на единствена најава се Министерството за образование и наука во доменот на електронските услуги кои се нудат за учениците и студентите, Агенцијата за катастар на недвижности, Агенцијата за вработување и неколку други.

Најлесен начин за регистрација е директно на Националниот портал за услуги – https://uslugi.gov.mk/user-profile или https://eid.mk. Граѓаните можат и лично да се регистрираат со лично присуство и со важечка лична карта или пасош, во некој од центрите за услуги на Министерството, во Центар, Аеродром, Тетово, Куманово, Штип, Битола, Охрид и Јегуновце.

Во наредниот период, Министерството работи на приклучување и на нови институции, општини, јавни претпријатија и приватни субјекти, со што граѓаните нема да мораат да паметат бројни различни лозинки за пристап, кориснички имиња и други потребни информации.