Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
вестМАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Се отвора новиот фармацевтски производствен блок во „Реплек“

Мицкоски: Се отвора новиот фармацевтски производствен блок во „Реплек“

Интегрален текст од денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски:

Почитувани,

Денес, заедно сведочиме на уште една позитивна приказна за македонската економија. „Реплек“, еден од симболите на континуитет, квалитет и професионализам, во годината кога слави 80 години постоење, прави нов, визионерски чекор напред.

Со новиот фармацевтски производствен блок, „Реплек“ не само што го модернизира и автоматизира својот производствен процес, туку го зголемува капацитетот за примарно и секундарно пакување на цврсти фармацевтски форми за значајни 25 проценти. Тоа значи нова технологија, поголема ефикасност, повисоки стандарди, но и нова потврда дека нашата земја има потенцијал и капацитет за индустриски раст.

Почитувани присутни,

Силата на една држава не се мери само по нејзиниот буџет, туку по храброста на нејзините луѓе да вложат, да создадат и да веруваат дома.

Оваа инвестиција има особена тежина, затоа што е домашна. Станува збор за македонски капитал, за македонска компанија, за вложување во иднината на македонската индустрија. Во време кога често се зборува само за странски инвестиции, денес овде покажуваме дека и домашните претприемачи, визионери и стопанственици, се, исто така, моторот на развојот.

Токму затоа, Владата останува цврсто посветена на поддршка на домашните компании. Не само како економски субјекти, туку како двигатели на нашата иднина. Наша стратегија е јасна: создавање поволна деловна клима, намалување на бирократските бариери, поддршка за развој, за иновации, за извоз, за зголемување на додадената вредност.

Ние веруваме дека силна економија се гради не само со странски капитал, туку и со грижа за својот – за секој што решил да остане, да вложи, да создаде тука, во Македонија. „Реплек“ е пример за тоа, пример што инспирира и мотивира.

Во изминатата година, нашата земја бележи пораст на индустриското производство, нови инвестиции, стабилни јавни финансии и конкретни проекти што го менуваат животот на граѓаните. Денес, новиот блок на „Реплек“ е дел од таа слика – слика на една Македонија што се гради, што инвестира, што оди напред.

Затоа денес, пред сите вас, сакам да упатам искрена честитка до менаџментот, до инженерите, фармацевтите, техничарите и сите вработени во оваа компанија. Вашата работа не е само технолошки успех – тоа е и патриотизам, и визија, и одговорност.

Почитувани пријатели,

Во едно време на предизвици, на неизвесности, на глобални турбуленции, среќен сум што Македонија има компании како „Реплек“, кои инвестираат дома. Компании што се нејзината сила. Компании што не се плашат да чекорат напред. Компании што градат.

И затоа – да ни е честита оваа инвестиција. Да е честит јубилејот – 80 години од постоење на „Реплек“. Нека оваа линија произведува не само лекови, туку и надеж, и иднина, и доверба во македонската економија.

Нека е аирлија и за убави работи да се гледаме.

Бог да ни ја благослови Македонија.

Ви благодарам.