Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Андоновски: Зголемена соработка меѓу Македонија и Италија во областа на иновациите и технолошкит развој

Во рамките на Бизнис форумот помеѓу Македонија и Италија, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, ги претстави националните заложби во областа на технолошките иновации, дигиталната трансформација и сајбер безбедноста.

На форумот беше истакната посветеноста на Македонија кон исполнување на реформската агенда на Европската Унија, при што новите реформски закони, особено Законот за сајбер безбедност, претставуваат силен доказ за заложбите на државата во заштита на граѓаните во дигиталниот простор и унапредување на технолошката отпорност.

На маргините од форумот, беше остварена и значајна билатерална средба со Мариа Триподи, заменик-министерка во Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија. На средбата беа разгледани клучни прашања од политичко и економско значење на двете земји, при што беше потенцирано стратешкото партнерство меѓу Македонија и Италија и продлабочување на соработката во дигитализацијата, трговската размена и политичката поддршка.

Во таа насока, беше предложено потпишување на Меморандум за соработка со ресорното италијанско министерство, со цел унапредување на институционалната соработка и размена на искуства во областа на иновациите, дигиталните алатки и сајбер безбедноста.

“Партнерството со Италија покажува дека и мала држава како Македонија може да има значајна улога на светската сцена. Ова е шанса за нови инвестиции, но и поддршка за македонските компании да го освојат европскиот пазар”, истакна Андоновски за време на форумот.

Заменик-министерката Триподи изрази поддршка и признавање за посветеноста на Македонија во процесот на дигитална трансформација, нагласувајќи ја важноста од продлабочување на билатералната соработка.