Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Филипче: ЕУ го потврди она што го говори СДСМ – ВМРО ДПМНЕ ја става Македонија во заложништво на други држави

СДСМ од првиот ден предупредуваше дека Владата на ВМРО ДПМНЕ ја става државата во заложништво на други држави – наместо кон интеграција и напредок, во геополитичка изолација и опасна економска зависност, потенцираше претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Филипче истакна дека ваквите укажувања на СДСМ, ги потврди и Европската Унија во извештајот.

„Покрај опасното задолжување со директни заеми, политиките се водат под диктат на други земји кои имаат преголемо влијание врз влада. А сега тоа се повеќе се гледа и се потврдува. Во извештајот јасно стои дека Северна Македонија е тешко погодена од странско мешање и дезинформациски кампањи, вклучувајќи хибридни закани, стратешка корупција, сомнителни финансиски текови и принудни инвестициски практики – особено со потекло од Русија и од Кина“, рече Филипче.

Она што особено загрижува, како што рече Филипче, а што и ЕУ го нотира е задолжувањето од Унгарија, кое укажува на ризик од финансиска зависност од Кина.

„Се говори дека Европската Унија е алармирана за улогите на Унгарија и на Србија во унапредување и ширење на геополитичките цели на Русија и на Кина на Балканот. Во кој контекст, во извештајот се забележува ризик од зависност од Кина преку асиметрични заеми, како што е последниот заем од Унгарија – за кој се чини дека е набавен од Кина, за што ние исто така предупредувавме“, рече Филипче.

Дополнително, Филипче посочи дека додека власта од една страна ја става државата во заложништво на други држави, од друга страна ја изолира на дипломатско ниво.

„Владата исто така ја изолираше Македонија која единствена се воздржа од гласање за европската резолуција за Украина. Тоа е дипломатски срам и дипломатски скандал којшто го нотираат сите стратешки партнери, а сега и извештајот. Јасно укажавме дека за прв пат Македонија гласа надвор од контекстот на заедничка безбедносна и надворешна политика со ЕУ“, потенцираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче.