Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски се сретна со жителите кај пролазот „Ескимо“ во Градски ѕид, во рамки на серијалот теренски средби за утврдување на приоритетите во буџетското планирање за наредната година.
Жителите изнесоа конкретни барања поврзани со повеќе зеленило, подобра хигиена, поставување нови контејнери, зголемена безбедност и засилена контрола со комунални редари.
Општинските служби редовно се грижат за хигиената , но поставувањето и одржувањето на контејнерите е во надлежност на Град Скопје. За безбедноста е одговорно МВР.
Герасимовски посочи дека со години се залага за воведување комунални редари со проширени ингеренции во општините.
„Целта е да го вратиме мирот и редот. Редарите треба да постапуваат при неправилно паркирање, гласна музика, дивоградби и уништување на урбана опрема. Добро би било да имаме поголем број редари кои конечно ќе направат вистински ред“, истакна тој.
Жителите побараа и изградба на старски дом. Општината веќе има проект за нега на стари лица во домашни услови, но повозрасните бараат трајни решенија за трајна и соодветна грижа. Герасимовски потврди дека ова барање е едно од најчестите и дека се разгледува можноста за реализација .
Се дискутираше и за оштетените фасади, за кои станарите се пожалија дека се небезбедни и запуштени. Граѓаните беа информирани за повиците на Општината за субвенционирање енергетски ефикасни фасади, но и дека иницијативата и координацијата остануваат кај заедниците на станари.
„Средбите со граѓаните ни даваат јасна слика за вистинските потреби. Нашата работа е да ги слушнеме и да делуваме соодветно“, рече градоначалникот.
Караванот „Се гледаме во маало со Горан Герасимовски“ денеска продолжува со посета на Маџир Маало, кај плочникот позади НБРМ, со почеток од 18.30 часот.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...