Врховниот суд формираше три совети кои ќе постапуваат по жалбите на трите судијки од Апелација. Од Врховниот суд велат дека формираните совети ќе ја одредат динамиката на постапување. Согласно законскиот рок трите новоформирани совети за постапување по жалбите на судијките од Апелациониот суд ќе мора да одлучат во рок од 30 дена. Одлуката за формирање на советите Врховниот суд ја донесе на 12 јуни годинава, што значи дека финалната одлука ќе биде донесена најдоцна на почетокот на август.
Се работи за три судијки од Апелациониот суд. За Наташа Савовска Димитровска и Роза Георгиева, Републичкиот судски совет донесе одлука за разрешување, откако беа утврдени низа пропусти во постапувањето во случајот во кој беше досудено Телеком да плати 4 милиони евра отштета на фирма од Штип. Третата судијка, Јетмире Ајдини Бошњаку, е казнета со парична казна од страна на Советот. Поблагата казна за судијката Ајдини Бошњаку е резултат на тоа што и покрај тоа што била дел од Судскиот совет во овој спор, алармирала за неправилностите или популарно речено била „свиркач“.
Судиите од Судскиот совет утврдија низа прекршувања во постапувањето по жалбата од страна на Апелација. Меѓу другото утврдено е дека постојат фалсификувани записници, а најдени се и докази кои ги нема во списите на Основниот суд кога била донесена првостепената одлука. Исто така, надвор од Законот за парнична постапка, пресудата со која се преиначува првостепената одлука била донесена без одржување на јавна расправа.
За случајот постапка води и Основното јавно обвинителство, откако заменик претседателот во Владата и министер за транспорт и врски Александар Николоски го поднесе случајот во оваа институција, за да се утврди како е преиначена првичната одлука на Основниот суд од стана на Апелација. Државата има удел од 35 отсто во Телеком, па оваа пресуда може да има и буџетски импликации.
Од ОЈО велат „Во предметот се преземени повеќе дејствија и испитани се повеќе лица. Воедно прибавен е целокупниот предмет за граѓанската постапка, како и други докази. Прибавена е и одлуката на Судскиот совет по однос на постапувањето на судиите во конкретниот случај. Се преземаат и други дејствија во предистражна постапка, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука. Во меѓувреме, по предлог на јавниот обвинител, Судот определи мерки за привремено запирање на извршување определени финансиски трансакции. Јавното обвинителство постапува со приоритет во сите предмети во кои се утврдени сомненија за кривични дела, независно од својството на потенцијалните осомничени лица“.
Дополнително на тоа, заради сомнежите кои постојат за овој предмет, Кривичниот суд донесе времена мерка за запирање на извршувањето.
Инаку, се работи за спор кој трае со децении. Со одлуката на Апелација, Телеком треба да ѝ плати отштета на фирмата „Фокус нет“ која имала склучено договор со Телеком во периодот од 2001 до 2002 година. Договорот бил раскинат од Телеком заради неплаќање на обврските од страна на фирмата. Граѓанскиот суд во Скопје, минатата година пресудил во корист на Телеком, бидејќи судот утврдил дека се работи за фирма со еден вработен, која повеќе години била со блокирана сметка, а била повторно активирана непосредно по донесување на второстепената пресуда пред Апелациониот суд. Фирмата во текот на постапката не дала ниту доказ за број на претплатници, инвестиции и слично.
Извор: Faktor.mk
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...