Од моето досегашно искуство на политичката сцена, ова е најлошото владеење што сум го видел, а верувам и општеството во Македонија, од времето на плурализмот – со најлоши перформанси. Сведоци сме на драматичен пад на квалитетот на владеење на сите нивоа – од централната власт, преку локалната, па сè до дипломатската мрежа, рече Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на СДСМ, на гостувањето во студиото 10 на 24 телевизија.
Жерновски посочи дека и покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ ја има власта во своите раце со апсолутно мнозинство во Собранието, претседателска функција, влада и доминација на локално ниво, резултатите се – катастрофални.
„Имаме целосен пад во економијата, социјалната политика, функционирањето на институциите, слободата на медиумите и надворешната политика. Тоа се реални критики, а не изолирани слабости“, нагласи Жерновски.
Осврнувајќи се на состојбата со дипломатијата, Жерновски рече дека државата е во фаза на сериозна изолација.
Имаме министер кој е најизолиран во историјата на плуралистичка Македонија – со 2-3 средби тука, на министри за надворешни работи. Верувале или не, за 365 дена имаме нула посети од министри од соседството – ниту еден сосед не дошол во посета. Нема никакви дипломатски иницијативи, визии, постулати. Немаме амбасадор во Данска – земја која за неколку дена го презема претседателството со Европската Унија. Немаме амбасадор ниту во НАТО. Ова не е интеграција, ова е изолација!“, рече Жерновски.
Жерновски потсети дека во времето на СДСМ, земјата беше препознаена како позитивен пример и носител на стабилност во регионот.
„Имавме активна дипломатија, добрососедски односи и јасна евроатлантска перспектива. Денеска, сме сведоци дека дури и еврокомесарката за проширување Марта Кос ја нарече Македонија ’тажна приказна’ на ЕУ. Тоа е сигнал до сите нас“, додаде тој.
Жерновски истакна дека Македонија денес не е во друштвото на земјите кои напредуваат, туку дека сме дел од блок кој е отворено критикуван.
„Меѓутоа, да бидам до крај отворен, ние сега сме во друштво на Орбан – во Унгарија. Антонио Милошевски, кој несомнено има искуство – какво и да е – во меѓународната политика, во домашните и меѓународни гледања на ситуацијата, отворено изјави дека нашите позиции кон ЕУ и НАТО се идентични како на Орбан. Од успешна приказна, Македонија под раководство на оваа влада стана земја без кредибилитет и визија. Од европска агенда, до коридори кои водат единствено до Будимпешта и Белград – тоа е реалната надворешна политика на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Жерновски.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...