Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Русија го предупреди Трамп: Ја отворивте Пандорината кутија

Русија ги обвини Соединетите Држави дека ја отвориле Пандорината кутија со напад на иранските нуклеарни постројки и играње со безбедноста и благосостојбата на целото човештво. На седницата на Советот за безбедност на Обединетите Нации, рускиот амбасадор во Обединетите нации, Василиј Небензја, изјави дека Вашингтон уште еднаш покажал целосно непочитување на позицијата на меѓународната заедница.

„Вашингтон потврди дека, за да ги заштити интересите на својот израелски сојузник, е подготвен не само да замижи пред убиствата на десетици илјади палестински жени, деца и стари лица, туку и да се коцка со безбедноста и благосостојбата на целото човештво“, рече Небензја, осврнувајќи се на војната во Газа.

„Со своите постапки, САД ја отворија Пандорината кутија. Никој не знае какви катастрофи и страдања ќе произлезат од ова“, додаде тој.

На 21 јуни, американскиот претседател Доналд Трамп нареди воздушни напади врз три ирански нуклеарни постројки, вклучувајќи го и Фордо – фабрика за збогатување ураниум закопана длабоко во планина. Тие американски напади ги доведоа САД директно во конфликтот на Израел со Иран и се закануваат да го турнат целиот регион во тотална војна, пишува „Њузвик“. Американските власти велат дека нападите биле ограничени и прецизни, а Трамп го повика Иран да се врати на дипломатските преговори за неговата нуклеарна програма.

САД и Израел тврдат дека дејствувале за да го спречат Иран да развие нуклеарно оружје, додека Техеран одговара дека нема намера да гради атомска бомба и дека неговите капацитети се наменети само за мирна употреба.

Иран вети силен одговор, велејќи дека целите на САД во регионот сега се легитимни цели. Тој, исто така, предупреди на можна регионална војна, а иранскиот парламент го поддржа затворањето на Ормускиот теснец – клучен поморски коридор за глобалната трговија со нафта и гас – иако иранското раководство допрва треба да донесе конечна одлука./Извор:Makfax

error: Соддржината е заштитена.