Соединетите Американски Држави и Кина тврдат дека во принцип се согласиле за рамка за деескалација на трговските тензии меѓу двете најголеми економии во светот, објави Би-Би-Си. Американскиот министер за трговија, Хауард Лутник, изјави дека договорот треба да доведе до решавање на ограничувањата наметнати на ретките минерали и магнети.
Двете страни изјавија дека ќе го однесат планот до своите претседатели, за одобрување. Соопштението дојде по дводневните разговори во Лондон меѓу лидерите од Пекинг и Вашингтон. Кинескиот извоз на ретки минерали, клучни за модерната технологија, беше една од главните теми на состаноците. Вашингтон и Пекинг се согласија на привремено примирје минатиот месец за трговските тарифи, но двете земји оттогаш се обвинуваат меѓусебно за кршење на договорот.
САД изјавија дека Кина е бавна кога станува збор за извоз на ретки минерали и магнети, неопходни за производство на уреди како што се паметни телефони или електрични возила. Во меѓувреме, Вашингтон го ограничи пристапот на Кина до американски стоки како што се полупроводници и други технологии поврзани со вештачката интелигенција.
„Постигнавме рамка за спроведување на консензусот од Женева“, изјави Лутник пред новинарите. „Откако претседателот ќе го одобри, ќе се обидеме да го спроведеме“, додаде тој.
Новата рунда разговори доаѓа по телефонскиот разговор меѓу Трамп и Шји минатата недела, кој американскиот претседател го опиша како „многу добар разговор“.
„Двете страни во принцип постигнаа рамка за спроведување на консензусот постигнат од двајцата шефови на држави во телефонскиот разговор на 5 јуни и консензусот постигнат на состанокот во Женева“, рече кинескиот заменик-министер за трговија Ли Ченгганг./Извор:Makfax
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...