По измената на коефициентот за пресметка на плата, одлука објавена во Службен весник, се зголемува и платата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов. Синдикалните претставници коментирајќи ја ваквата одлука реагираат дека секој заслужува зголемување на плата но работниците заслужуваат повеќе од функционерите.
„Верувале или не, платите растат, само не на работниците“, реагира претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
Според него, ако зголемувањето на платите на работниците кое им следува и кое изнесува 12,6% согласно Општиот колективен договор за јавниот сектор, како и потребата од зголемување на минималната плата на 500 евра и за 100 евра зголемување на останатите плати ќе ја зголеми инфлацијата, тогаш зголемување од 13,8% на платата на функционер веројатно исто така влијае на инфлацијата, но изгледа ја намалува ( друго образложение нема), пишува Трендафилов.
Во денешниот Службен весник, појаснува Трендафилов, објавена е Одлука со која платата на функционер избран од Владата е зголемена за 13,8% односно коефициентот од 2,24 се зголемува на 2,55, или точно онолку колку што има предвидено средства во буџетот за раст на платите оваа година.
„Ако се има во предвид дека основица за пресметка на плата на избрани и именувани е просечната плата за претходната година, тогаш моите скромни познавања од математика велат дека :
41.239 ден. x 2,24 = 92.375 ден.
41.239 ден. х 2,55 = 105.159 ден.
Разлика од 12.784 денари зголемување на плата од 1 јуни 2025 година, или раст од 13,8% !
Секој заслужува зголемување на платата, но работниците заслужуваат повеќе од функционерите, а ако нема за зголемување на платите на работниците, како има за зголемување на платите на функционерите“, прашува Трендафилов./Извор:Makfax
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...