Дејан Митески, градоначалник на Општина Аеродром, гостуваше во емисијата „Објектив“ на телевизија МРТ. Тој говореше за претстојните локални избори и најави убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ во сите општини.
„Не само за Град Скопје, јас верувам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победник во најголем дел од општините, имајќи предвид дека како локална самоуправа, меѓутоа, и сега како централна власт покажавме дека навистина интересот на граѓаните ни е приоритет, така што очекувам убедлива победа“, вели Митески.
Митески се осврна на измените на Законот за локална самоуправа за отповикување на градоначалници и нагласи дека претставува исправен механизам. Тој додаде дека граѓаните се тие коишто го избираат градоначалникот и граѓаните се тие коишто треба да имаат механизам да го отповикаат.
„Досега постоеше можност за отповикување, ама тоа беа избори и граѓаните кажуваа за или против градоначалникот. Сега ќе постои можност на пократок период на барање на одреден број на гласачи согласно Законот за локална самоуправа да се спроведе постапка за доверба, односно недоверба на градоначалникот и еден чекор за поздравување. Не само што не не плаши, напротив не мотивира да работиме уште повеќе, а сметам дека граѓаните се тие коишто го избираат градоначалникот и граѓаните се тие коишто треба да имаат механизам да го отповикаат“, објаснува Митески.
Митески истакна дека во рамки на јавниот повик за финансирање на инфраструктурни проекти од Владата, околу 14 милиони евра се ставени на располагање на општина Аеродром. Тој наведе дел од проектите кои се предвидени и ќе се реализираат за добробит на граѓаните.
„Скоро 14 милиони евра коишто се ставени на располагање на Општина Аеродром. Работевме интензивно и напорно во изминатиот период во однос на изработката на проектите и се опфатени апсолутно проекти од сите населби на територија на општина Аеродром и секаков вид на проекти. Почнувајќи од подземна инфраструктура, надземна инфраструктура, училишта, градинки, домови на култура и сметам дека ова беше нешто што општините го бараа многу години уназад“, заклучува Митески.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...