Американскиот државен секретар Марко Рубио повика на поддршка за преодните власти во Сирија и предупреди дека земјата може да биде само неколку недели од „целосен колапс и разорна граѓанска војна од епски размери“.
На сослушувањето пред Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат, Рубио ја бранеше одлуката на претседателот Доналд Трамп да ги укине санкциите врз Сирија минатата недела, пред да се сретне со претседателот Ахмед ал-Шара, поранешен командант на Ал Каеда кој ја предводеше бунтовничката офанзива со која беше соборен Башар ал-Асад во декември.
Трамп, објасни Рубио, процени дека другите земји сакале да ѝ помогнат на сириската администрација и да испратат хуманитарна помош, но биле спречени во тоа поради американските санкции. Сириските власти сè уште не ја коментираа оваа одлука.
САД воведоа санкции против Сирија поради злосторствата извршени од силите лојални на Асад за време на 13-годишната војна. Во тој конфликт загинаа повеќе од 600.000 луѓе, а околу 12 милиони беа принудени да ги напуштат своите домови. Американскиот Стејт департмент претходно постави голем број услови за укинување на санкциите, вклучувајќи ја и заштитата на верските и етничките малцинства.
Иако Шара даде такви гаранции, Сирија беше потресена од два брана на религиозно насилство во последните месеци./Извор:Makfax