Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Маск: „Мислам дека веќе направив доволно“

Додека американските медиуми го мерат секој милиметар за да докажат дека дошло до заладување во односот меѓу Доналд Трамп и Илон Маск, контроверзниот милијардер самиот ги поттикнува ваквите приказни.

Зборувајќи вчера на Економскиот форум во Катар, извршниот директор на „Тесла“ рече дека во иднина ќе троши „значително помалку“ за политика, додавајќи:

„Мислам дека веќе направив доволно.“

Маск ги отфрли инсинуациите дека одлуката е одговор на критиките што ги добил за неговата водечка улога во преобликувањето на државните институции преку Канцеларијата за ефикасност на владата (DOGE).

„Ако во иднина видам причина за политичко трошење, ќе го направам тоа. Во моментов не гледам никаква“, додаде тој.

Маск, кој инвестираше повеќе од 290 милиони долари од свои пари на претседателските избори во 2024 година за да ги поддржи Трамп и републиканците, се етаблираше како значајна политичка фигура. Тој, исто така, се обиде да влијае на изборите, вклучително и на клучната трка за Врховниот суд во Висконсин минатиот месец. Неговата политичка машинерија, пишува „Политико“, инвестираше многу во овие избори, па тие речиси се претворија во референдум за популарноста на самиот Маск.

И тој референдум не помина добро – кандидатот поддржан од демократите победи убедливо, а „Политико“ тврди дека таков исход означил пресвртница во политичкиот ангажман на Маск./Извор:Makfax