„Народната банка посветено работеше во изминатиот период и спроведе значајни реформски процеси за поставување на домашните финансиски пазари. И во иднина, ќе остане активен двигател и поддржувач на реформските процеси за унапредување на домашните финансиски пазари, во тесна соработка со сите релевантни банкарски здруженија, државните институции и со останатите чинители на домашните финансиски пазари. Нашата цел е да создадеме посигурно, поефикасно и поконкурентно финансиско окружување, кое ќе го поддржи економскиот раст и ќе придонесе за просперитетот на нашата земја“. Ова беше посочено од страна на вицегувернерката Емилија Нацевска во поздравното обраќање на 30-тото јубилејно Годишно собрание на Здружението на финансиски пазари – АЦИ Македонија.
Домашните финансиски пазари се клучната алка во спроведувањето на монетарната политика, па затоа Народната банка уште од монетарното осамостојување активно соработува со банките со цел воспоставување на функционален, ликвиден и транспарентен девизен пазар и пазар на пари. Истовремено, Народната банка активно го поддржува примарниот пазар на државни хартии од вредност на којшто се формира т.н. безризична крива на принос, значајна за развој на останатите сегменти од финансиските пазари, при што го воспостави и секундарниот пазар на државни хартии од вредност. Воспоставувањето и континуираниот развој на овие пазари овозможи ефикасно спроведување на интервентната политика на Народната банка за одржување на стабилноста на девизниот курс на домашната валута, поефикасна трансмисија на сигналите на монетарната политика и посигурно и поевтино позајмување на финансиски средства помеѓу учесниците на пазарите. Сето тоа придонесе за постепено јакнење и одржување на стабилноста на домашниот финансиски сектор во функција на континуирана поддршка на економската активност на фирмите и домаќинствата.
„Во контекст на пошироките развојни процеси во финансискиот сектор, сакам да истакнам едно значајно достигнување оваа година, кое ја рефлектира заедничката заложба на Народната банка, банките и другите релевантни институции, прифаќањето на нашата земја во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). За граѓаните, компаниите, но и институциите, ова значи можност за подигнување на нивото на финансискиот квалитет и стабилност, што дополнително ќе го зајакне целокупниот економски амбиент, отворајќи простор за натамошен развој и продлабочување на тргувањето на домашните, но и на меѓународните пазари“, посочи вицегувернерката Нацевска во обраќањето.
Во таа насока, беше истакнато дека Народната банка активно го следи процесот на подготовка на банките за пристапување во СЕПА шемата за кредитен трансфер, обезбедувајќи континуирана техничка и стручна поддршка. „Иако процесот е долг и најраниот датум за прифаќање на банките од новите земји членки е 6 октомври 2025 година, со задоволство можам да споделам дека една банка веќе поднесе апликација за членство до Европскиот совет за плаќања, а повеќето банки се во напредна фаза на подготовка. Ова е јасен сигнал дека сме на добар пат – со одговорен пристап, стратешка визија и соработка меѓу институциите – да се вградиме рамноправно во европскиот финансиски простор.“ посочи Нацевска.
Соработка на Народната банка со АЦИ Македонија е од почетоците на здружението во 1996 година, кое беше основано на иницијатива и со поддршка на Народната банка. Здружението АЦИ Македонија ги обединува претставниците на банкарскиот сектор коишто работат на домашните финансиски пазари и претставува платформа за развивање добри професионални односи, зголемување на меѓусебната доверба, размена на искуства и постојана професионална едукација на вработените во банкарскиот сектор. Здружението во 2001 година стан дел од меѓународното семејство на здружение на банкарски работници на финансиските пазари, кое оваа година прославува исто така значаен јубилеј, односно 70 години постоење. Едукацијата и промовирањето на етичко однесување на овој сегмент на банкарски професионалци и во иднина ќе биде во фокусот на активностите на Народната банка како партнер на здружението АЦИ Македонија.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...