Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) го промовираше својот најнов политички бриф со наслов „Неизоставен темел: Зошто граѓанскиот простор мора да биде приоритет во пристапниот процес кон ЕУ“. Врз основа на наодите од десетгодишното следење на околината во која функционира граѓанското општество, документот го подвлекува сериозното назадување на демократските стандарди низ Западен Балкан и Турција, укажувајќи дека демократски принципи постојат само на хартија, а се игнорираат во пракса.
Документот ги потенцира длабоко загрижувачките трендови и систематското скратување на граѓанскиот простор – просторот во кој граѓаните, организациите и активистите слободно се здружуваат, изразуваат и делуваат. Владите во регионот се повеќе воведуваат рестриктивни закони со кои организациите кои користат странски фондови ги етикетира како „странски агенти“, а уште позагрижувачко е одново криминализирање на клеветата и се почестите ,,стратешки тужби против јавното учество” (SLAPP тужби). Овие недемократски тактики, во комбинација со административните бариери, се користат за притисок и замолчување на грѓанските организации, активисти и новинари, што претставува сериозна закана за слободата на изразување и ги поткопува клучните механизми за граѓанско учество и контрола. Без силно и активно граѓанско општество, вистинските демократски реформи се невозможни, а владите имаат простор намерно да ги одложуваат неопходните и суштински реформи.
„Граѓанскиот простор на Балканот е сериозно загрозен и се повеќе се стеснува.
Ситуацијата е загрижувачка и сериозно ја доведува во прашање кредибилноста на процесот на проширување на ЕУ и носи негативни последици на повеќе нивоа. На ЕУ ѝ треба јасен план со кој би застанала во одбрана на граѓанското општество и во обезбедување вистински а не само привиден демократски напредок, заради иднината и кревкоста на демократијата во регионот“, вели Ања Босилкова-Антовска, одговорна за политики и застапување во БЦСДН.
За да застане на патот на овие загрижувачки трендови, БЦСДН повикува на итна и јасна акција од страна на Европската Унија преку:
• Воспоставување на јасни одредници поврзани со граѓанскиот простор кои ќе се следат за да се процени напредокот.
• Јасни финансиски и политички последици при значително демократско назадување.
• Суштинско и структурирано вклучување на граѓанските организации во реформските процеси и пристапните преговори.
• Обезбедување долгорочна и флексибилна поддршка за локалните иницијативи.
БЦСДН нагласува дека ЕУ мора да усвои поструктуриран, стратешки и итен пристап за заштита на граѓанскиот простор во Западен Балкан и Турција. Политичките притисоци и финансиските ограничувања сериозно го слабеат граѓанското општество секојдневно, правејќи го ранливо на штетни странски влијанија, кои директно влијаат на кредибилитетот на ЕУ во регионот.
Примери за загрижувачки трендови:
Босна и Херцеговина: Криминализацијата на клеветата во Република Српска овозможи средина во која новинарите можат да бидат кривично гонети за критичко известување, при што само во првата година биле поднесени дури 130 обвиненија, додека законот за странски агенти претставува сериозна закана за независноста и опстанокот на граѓанското општество.
Србија: Активисти и граѓански организации се под интензивна хајка од страна на провладините медиуми, како и мета на закани и притисоци од страна на владини претставници но и институции. Учесниците на протести се изложени на прекумерна полициска сила, приведувања, дури и физички напади. Истражувачките новинари кои откриваат корупција се соочуваат со тужби за клевета, често иницирани од владини функционери или бизнисмени кои се блиски до политичките елити, со цел да се замолчат или застрашат.
Турција, Албанија, Србија и Косово: Злоупотребата на мерките против перење пари и финансирање тероризам активно се користи против граѓанските организации. Овие мерки доведоа до отежнато работење и се почести ревизии, особено за организациите кои работат во сферата на заштита на човекови права, додека оние кои работат со странски донации се соочени со се поголем број бирократски пречки и притисок од страна на власта, одвраќајќи ги донаторите и донациите кон граѓанските организации.
Северна Македонија и Црна Гора: Советите за соработка помеѓу државата и граѓанскиот сектор не функционираат речиси три години, оневозможувајќи го спроведувањето на Националните стратегии за соработка со и развој на граѓанското општество и активното учество на претставниците од граѓанскиот сектор во релевантните процеси.
За БЦСДН: Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) е регионална мрежа на организации од Западен Балкан, Турција, Словенија и Романија, која работи на унапредување и заштита на граѓанскиот простор и поддршка на демократските процеси преку истражување, мониторинг и застапување.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...