Министерствата за здравство, социјална политика, демографија и млади, и образование и наука денес потпишаа Меморандум за соработка за воспоставување на темелите на нов систем за семејно-ориентирана интервенција во раното детство во земјата.
Пилотирањето на новите услуги ќе го спроведуваат обучени професионалци од здравствени и центри за рехабилитација, градинки, училишни ресурсни центри и лиценцирани даватели на социјални услуги во Град Скопје, со цел да ги зајакнат семејствата и да ги поддржат децата кои се изложени на ризик од задоцнување во развојот и попречености, преку советодавна работа со родители и специјализирани услуги.
Семејно-ориентираната интервенција во раното детство се фокусира на поттикнување на блиски и поттикнувачки интеракции со децата кои се изложени на ризик од развојни тешкотии и попреченост во првите години од животот – период кога развојот е најбрз. Се нагласува улогата на родителите и давателите на услуги во поддршката на развојот на децата во нивната природна средина и во раните години. кога децата имаат најголем потенцијал за учење, раст и адаптација.
„Ова прашање бара нашите сектори – образованието, здравството и социјалната заштита – да не функционираат повеќе паралелно, туку во синергија. Бара нашите професионалци да работат заедно, а не разделени од административни граници. Бара нашите политики да бидат усогласени – за не само да ги постигнеме посакуваните резултати, туку да ги постигнеме ефикасно, правично и навремено,“ изјави Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади.
„ Со рано решавање на развојните проблеми, децата имаат поголема веројатност да успеат во училиште и да им бидат потребни помалку посебни услуги, како што растат. И што е многу важно, со раната интервенција може значително да се подобри квалитетот на животот на овие деца, и тие во поголема мера да се вклучат во семејниот, училишниот и општествениот живот,“ изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
„ Овој меморандум е можност повторно да се реафирмираат заложбите да се изгради одржлива, инклузивна, праведна и системски уредена иднина за семејно-ориентиран систем на рана интервенција во детството,“ изјави Јовица Андовски, заменик министер за здравство.
Во Северна Македонија се проценува дека над 17.000 деца под шестгодишна возраст може да имаат потреба од услуги за рана интервенција. Сепак, Анализата на состојбата за рана интервенција во 2023 година укажа на значителни недостатоци во постоечкиот систем во државата за скрининг и интервенција во раниот детски развој. Анализата исто така нотираше дека иницијативата за упатување обично доаѓа од страна на родителите, наместо услугите да бидат проактивни, со рана идентификација и упатување.
Со цел да се надминат овие недостатоци, со поддршка од УНИЦЕФ беше изработен документ за развој на политики во партнерство со Здружението на специјални едукатори и рехабилитатори, за поддршка на секторите здравство, образование и социјална заштита во воспоставувањето на системско решение кое ќе обезбеди сите деца на предучилишна возраст со ризик од развојни тешкотии и/или попреченост да добијат услуги за рана интервенција.
„Во првите години од животот, детето се развива побрзо отколку во кој било друг период од животот. УНИЦЕФ го поздравува овој нов пристап, преку кој семејствата ќе добијат насоки и специјализирани услуги што им се потребни за да се справат со секојдневните предизвици и да го поттикнат оптималниот развој на своите деца,“ изјави Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.
Мултисекторскиот договор вклучува и обврска од Министерството за здравство да воспостави универзален скрининг за сите деца до тригодишна возраст, со цел навремено откривање и интервенција на национално ниво. По завршувањето на пилот фазата, семејно-ориентираните услуги постепено ќе се прошируваат низ целата држава.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...