Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Мицкоски разговарал со Стармер за Заедничката група за миграции – дали Северна Македонија ќе прифаќа мигранти од Британија?

На маргините на самитот на Европската политичка заедница во Албанија, премиерот Христијан Мицкоски се сретнал со неговиот британски колега, Кир Стармер, каде меѓу другото било разговарано за приклучувањето на Северна Македонија кон Заедничката работна група за миграции.

Според официјалното соопштение од британската влада, оваа иницијатива има за цел „јакнење на регионалната соработка за спречување на нерегуларните миграции низ Балканот и борба против криминалните мрежи што ги организираат тие рути“. Но, оваа формулација отвора прашања:
Што точно значи приклучувањето на Северна Македонија кон оваа работна група?
Дали станува збор само за координација на политики и информации, или пак се разговара и за можноста Британија да испраќа мигранти назад на Балканот, вклучително и во Македонија?

Британскиот медиум Daily Mail, објави дека премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, одобрил почеток на разговори со неколку балкански земји за спогодби со која Велика Британија би плаќала за сместување на мигранти со одбиен азил на нивна територија. Стармер одбил да прецизира кои се тие земји, но Daily Mail наведува дека е разговарано со повеќе влади од Балканот. Ова отвора сериозни прашања дали Северна Македонија е една од нив, особено во контекст на најавеното стратешко партнерство меѓу двете земји.

Од Владата засега нема официјален став дали во разговорите меѓу Мицкоски и неговиот британски колега станало збор и за можноста Македонија да прифаќа мигранти од Британија.

Во истото соопштение од британската влада, покрај темата за миграции, се наведува и дека двете страни договориле ново стратешко партнерство, со фокус на економија, трговија, одбрана и безбедност. Лидерите исто така го поздравиле и претстојниот Самит за Западен Балкан во октомври, нагласувајќи го значењето на продлабочување на пријателството меѓу Велика Британија и регионот.