Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Македонските општини на терен во Србија: Чајетина како пример за трансформација на комуналните претпријатија и одржлива општинска реформа

Делегација од претставници на општините и јавните комунални претпријатија од Новаци, Охрид, Кичево, Битола, Дебрца, Крушево, Вевчани, Долнени, Ресен, Могила, Кривогаштани и Демир Хисар, денес започна дводневна студиска посета во општина Чајетина, Србија, со цел тие да се запознаат со конкретни успешни примери на модерно управување со отпад. Посетата се реализира во рамки на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, поддржан од Шведска, а имплементиран од SALAR International.

Првиот ден беше посветен на увид во целосната трансформација на Јавното комунално претпријатие „Златибор“, кое во последните години го модернизираше системот за управување со отпад преку воведување примарна селекција на отпад, урбано компостирање, праведно тарифирање и, што е клучно, активна стратегија за информирање и вклучување на граѓаните.

Нагласокот на посетата е ставен на улогата на инфраструктурата и развојот на јавните комунални претпријатија како предуслов за долгорочен локален развој. Во последните две децении, буџетот на општина Чајетина пораснал од 200 илјади на над 50 милиони евра годишно. Само во 2021 година, ова претпријатие инвестирало над 2 милиони евра во возен парк и опрема, со што се зајакнал капацитетот за квалитетна услуга кон граѓаните. Општината денес доброволно презема обврски кои се во надлежност на државата, бидејќи ги обезбедува тие услуги побрзо, поефикасно и поекономично од централните институции. Овој пристап е директен резултат на инвестирањето во комуналната инфраструктура и јакнењето на институционалните капацитети.

Овие искуства се особено релевантни за Северна Македонија, каде општините се соочуваат со сè понагласени притисоци од зголеменото количество отпад, застарената инфраструктура и недоволната покриеност на услугите односно ограничените ресурси за модернизација на јавните услуги. Без итна акција, ризиците по здравјето и животната средина ќе продолжат да се зголемуваат. Затоа, воспоставувањето на Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО) се наметнува како клучна и неодложна реформа.

РСУО претставува долгорочно, системско решение кое вклучува затворање на нестандардни и нелегални депонии, воспоставување собирни центри за селекција, изградба на современи санитарни депонии, и што е најважно – јакнење на меѓуопштинската соработка со цел намалување на трошоците и зголемување на квалитетот на услугите.

Оваа студиска посета следи по неодамнешната работилница во Охрид, каде учесниците имаа можност да се запознаат со шведскиот модел на собирни центри како суштински дел од РСУО. Центрите за селекција не само што ќе помогнат во намалување на нелегалното и неконтролирано расфрлање отпад на нестандардни локации, туку ќе придонесат кон поголема јавна свест и исполнување на законските обврски за формирање собирен центар на секои 30.000 жители.

Во тој контекст, посетата на Чајетина е дел од пошироката стратешка заложба да се пренесат добри практики во домашниот контекст и да се обезбеди долгорочен развој на системот за управување со отпад. Искуството од Чајетина е силен потсетник дека системскиот пристап, градењето институционални капацитети и партнерството со граѓаните се основа за секоја успешна трансформација на локално ниво. Северна Македонија ја има шансата, но и одговорноста да ги примени овие лекции и да изгради одржлив систем за управување со отпад од кој ќе има придобивка за сите.