Го слушнав пред некоја ден главниот опозиционер и лидер на социјалдемократите, Венко Филипче, во подкастот на „Инфомакс“ кај Сашо Орданоски и Борјан Јовановски.
Го слушам, ви велам, па по некое време си велам на себе: зошто не би можела оваа земја да биде нормална, искрена, разумна и со смисла, токму вака како што ни зборува овој човек; зошто не може оваа земја да биде храбра и одважна, кога веќе секој еден гледа наоколу дека се гушиме во загаден воздух, бесмила, баналност, најразлични врсти на трагедии, дури и кога за себе гордо „тепаме“ дека сме разумни и нормални.
Пред да се навратам на главните теми & тези на докторот Филипче, би сакал да кажам во што овде се гушиме? Во владеењето на еден човек и една партија (не ги бројам овде сателитите кои чекаат да им се фрли слатка коска), присвојувајќи го овој простор и испразнувајќи го од живот, од радост, од смисла, а поентата на таквата состојба е која (?) – да им (за)личиме што повеќе на нив?
А каков е нивиот лик: безнадежност, сиромаштија, насилство (посредно и непосредно), загаден и смрдлив воздух од кој се гушиме… А најмногу од се’, ми се чини, се гушиме во бесмисла и недоверба во ништо и никого.
Сите стандарди се паднати на оптимален минимум, се лупета и пишува така срамно и така бедно; таканаречениот „режим“ и неговите гуланфери тртлаат секојдневно на телевизиските кутии од кои човек може само да се разболи (и ментално и физички), изговараат реченци кои се надвор од разумот, а за себе сметаат дека токму тие се главни „народни трибуни“ кои ќе ја спасат нацијата – од кого (?) – од самите себе ли!?
А потоа – наспроти зомби говорењето – ни се појавува на подкаст Венко Филипче, ни докажува дека не сме мртви и не сме неразумни; проговорува докторот со човечки глас, онака добро, искрено, нормално, разумно, без никакви вишоци, концентриран на се’ она страшно кое ни се случува наоколу.
Тој глас, таа смиреност, таа душевна памет и разум, сакам да верувам дека би можело да ја спаси оваа земја ако на тој човек му се помогне, вистински и без калкулирање. Или барем оној дел на Македонија која имаше можност да го слушне во неговото неспоредно зборување, а таквата автентичност од мене има голема и искрена почит. Тоа е она кое ни треба. Ако за ништо друго, барем за нашето „ментално здравје“.
Согласен е Филипче, најпрво, да се „репарираат“ родителите и настраданите во страшната несреќа од градот Кочани. Тие, како институционална опозиција, ќе се обидат преку Закон, што е разбирливо, барем некако, малку-од-малку, за да може да им се санира болката и’ животот им стане малку поподнослив, ако е тоа воопшто можно.
Зошто тоа го бара Филипче? Совршено е неважно, најважно е што тоа е негово апсолутно право како опозиционер да го бара од државата (или властите), и тука не смее никој ништо да му порекне, да го премолчи или не му излезе во пресрет. Репарацијата на тие родители е најважна во овој момент, како што е најважна помошта за преживеаните и настраданите луѓе од Кочани.
Понатаму, говореше Филипче, поточно не’ потсети дека веднаш после пожарот во Модуларната болница во Тетово си поднесе оставка, а исто така потсети дека неколку месеци после таа несреќа, тогашната влада беше во оставка, со нов премиер и со целосно нов владин состав. Се мисли на оној несреќен Ковачевски за кого, барем од информациите кои јас ги имам (слушај, „информации“, тјах!) за партијата СДСМ не давал пет пари, а резултатот на таквата индиферентност кон луѓето и членовите на партијата го видовме минатата година во мај.
Не’ потсети Филипче и на тоа: со пратениците на СДСМ излегоа да го примат бесот и револтот на граѓаните на Кочани кои пред Собранието протестираа, а за некое чудо, ете, не се одважија владините „репрезенти“ да излезат пред тој бес, пред таа тага и огорченост. Веројатно си имале некои други „важни“ и „попаметни“ државни работи, мајке?!
Зборуваше Филипче за сиромаштијата, за рамноправна редистрибуција на капиталот, што значи говореше за страшните класни разлика помеѓу луѓето; говореше за корупцијата како грабеж на граѓаните, говореше за неопходноста од консензус за да се затвори прашањето со Бугарите, а ние продолжиме по патот на Европската унија… Говореше Филипче и за моногу други работи, а интервјуто треба секој еден да го погледа на каналот на Инфомакс на Youtube.
Говореше Филипче во основа за немањето на систем во земјава…
Од друга страна, гледам, не морам да бидам до Филипче за да знам со што се соочува. Тој човек е соочен со брахијална сила која го спречува да се движи низ јавниот простор онака како што треба, се соочува и со сиромаштијата на граѓаните, тој обрач низ кој тешко се минува, тој обрач што државата го стеснува од ден-на-ден; и дека овде имаме стравичен проблем со одржување на систем.
Или вака да прашам: кој систем, каков систем, што е ова, море, луѓе, во кое денес живееме? Ако не е слобода и демократија, а со огромно системско насилство, тогаш што е ова, како се нарекува ваквата појава?
Можеби ова е прашање за сите социолози, политиколози или оние кои се најупатени во оваа проблематика, ама, јок, море, таквите дуваат на страната на Мицкоски денес, најјакиот бабо во земјата. Веројатно така повеќе им се исплати. А оние другите, гледаме, мудро молчат и чекаат некои други оваа несреќа да ја исправат, а потоа ќе се појават, како што се појавувале од секогаш со паролата: „Па, кај сте бе браќа, ние цело време бевме за вас, ама од топла сенка фрлавме дрва на точковите на револуцијата“.
Ама кога овие и ваквите не се прашуваат и не одговораат, се најде докторот Филипче, за да не доведе во ред со разум и мислење во говорот, верувајќи дека за нас не е предоцна.
За крај, не знам многу, ама едно знам, за секое владеење постои име. Тоа име не мора да соодветствува со името кое стои во Уставот, во законите, во темелните политички прокламации. Се случува на власт да ви дојдат луѓе кои се’ ќе киднапираат, се’ ќе претумбаат до непрепознатливост, а потоа ни се потребни нови дефиниции.
Контурите на новите дефиниции лежат во Венко Филипче. Само ќе мора малку и ние да му помогнеме, ако ме разбирате што сакам да кажам. Во спротивно… Во спротивно ќе останеме сите без дефиниции и без систем.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.