Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го врачи признанието, кое во соработка со Македонија 2025, се доделува на истакнати личности од дијаспората за нивниот придонес во економскиот развој, здравството, социјалната сфера, образованието, науката, културата и во други области.
Оценувајќи ја работата на Македонија 2025 како обединувачка, плодна, успешна и корисна, таа информираше за процесот на формирање Совет за дијаспора како институционален облик на соработка и постојана комуникација со дијаспората, којашто ќе овозможи нејзина интеграција во македонските работи.
За исклучителна научна работа признание доби д-р Светлана Мојсов, светски позната професорка на Универзитетот Рокфелер во Њујорк, која остави длабок и траен белег врз модерната медицина.
Признание за извонредната поддршка и медицинска помош доби Хуманитарното здружение „ЛецКер а.с,б.л.“ (LetzCare a.s.b.l) од Луксембург, а наградата ја прими неговиот претседател Сафет Алили.
За претседателката хуманоста и солидарноста се вградени во нашиот код и крунисани со животната приказна и дело на Мајка Тереза. „Очекува“, рече таа, „ова признание да инспирира и многу други нашинци на правење хумани дела, особено важни за најранливите сограѓани“.
Сиљановска-Давкова истакна дека давањето признание на личности и организации од дијаспората е етички и морален чин на вреднување на добрите дела и докажување на нераскинливото заедништво со нив.
На средбата со Бордот на директори, по успешните, но и емотивни приказни на врвни бизнисмени и истакнати претставници на дијаспората се потенцираше важноста на негувањето и пренесувањето на чувството на припадност од генерација на генерација, како неопходно во зачувувањето на националниот идентитет.
Таа истакна дека со „Македонија 2025“ споделуваме иста визија: да станеме компетитивен регионален економски играч, да имаме енергетска сигурност, да бидеме држава со успешен образовен и научен систем, поврзан со вештачката интелигенција и дигитализацијата, да градиме еколошка и правна држава, со силно граѓанско општество и демократска јавност.
Укажувајќи на светскиот и европскиот амбиент на неизвесност од секаков тип, од мировен до еколошки, таа ја нагласи потребата од соработка, единство и зацврстување на односите со дијаспората во сите сфери, интегрирајќи ја во македонското општество.
Во продолжение интегрален текст од обраќањето на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова:
Почитувани членови на „Македонија 2025“,
Почитувани припадници на македонската дијаспора,
Почитувани гости,
Дами и господа,
Оваа церемонија е во пресрет на почетокот на традиционалниот самит „Македонија 2025“ на којшто ќе дебатираат премиерот, министри, еминентни бизнисмени, експерти, претставници на државни органи и на институциите, членови на академската заедница, со цел да споделат знаења, видувања, искуства и вештини, како и да промовираат идеи и визии.
А, визијата на „Македонија 2025“ е и наша визија: да бидеме компетитивен регионален економски играч со просперитетна економија, што се развива во амбиент на енергетска сигурност, да бидеме држава со добар образовен и научен систем, поврзан со вештачката интелигенција и дигитализацијата, да бидеме еколошка држава, правна држава, потпрена како што јас понекогаш потсетувам, на Веберовиот модел на стручна и компетентна државна и јавна администрација, со почитувана епистемолошка заедница којашто, за жал, денеска заминува надвор, да имаме развиено граѓанско општество и демократска јавност.
Зачекоривме во 2025 и оваа година е вистинскиот момент за евалуација на резултатите и на дострелите на „Македонија 2025“, во предвечерието на Сизифовската работа којашто нè очекува во остварувањето на Реформската агенда и Планот за раст.
Во светски и европски амбиент на неизвесност од секаков тип, од мировна до еколошка, логичен императив е да си го обединиме сиот социјален капитал, да избегнуваме меѓусебни конфликти, да стимулираме соработка и единство, да ги зацврстиме односите со дијаспората во сите области, да ја интегрираме во македонското општество и во неговото ткиво во областите во коишто е најнеопходна, најстручна, но и најзаинтересирана.
За реформи е потребен домашен политички договор, но и договор со ЕУ и со нашите стратешки партнери, како и со дијаспората заради нејзината докажана креативност и капацитет во острата конкуренција во меѓународниот економски поредок, но и во културниот натпревар на државите, нациите и на поединците.
Се разбира, наша најголема национална обврска е да си го чуваме, браниме и негуваме националниот идентитет и неговиот интегритет и дигнитет. Да не се откажуваме од етичките вредности и принципи, да ги почитуваме, ако сакаме да се повикуваме на нив, кога другите ги кршат кон нас. Да не го забораваме општото добро – res publica и да не го жртвуваме за личните и за колективните интереси.
Верувам дека признанието оди во вистински раце, кај заслужни добитници кои персонифицираат врвно, меѓународно валоризирано знаење и успех, но и посветеност, хуманост, солидарност и патриотизам.
Драги пријатели,
Сакам да испратиме јасна порака дека давањето признание е чин на признавање дека ги чувствуваме и ги препознаваме лауреатите како наши, ги цениме и вреднуваме нивните дела, остварувања и успеси и кога не се постојано до нас, зашто секогаш се со нас, каде и да се.
Ние сме во нераскинлива врска со нашата дијаспора, од која генерација и да е: прва, втора, трета, следната.
Како мала држава, со повеќе луѓе надвор, одошто дома, енергетски зависна и економски упатена кон регионалниот, европскиот и светскиот пазар, имаме насушна потреба од динамични и блиски врски со нашинците во странство. Веќе реков, без разлика за која генерација станува збор, врските мора да се негуваат, да се шират и да се продлабочуваат. На генерациите родени и школувани далеку од земјата на нивните предци, не е доволно да им се доближи татковината како историја, како мит или како легенда, туку како вистинска, жива, реална приказна со светла и сигурна иднина. Се разбира, не треба да западнеме во илузионизам и да забораваме дека нашинците имаат две татковини, ниту да негуваме стереотипи: позитивни или негативни.
Реалноста покажува дека заемната соработка дава плодови тогаш кога придобивки од неа имаат сите инволвирани и засегнати страни и субјекти.
На крајот, би сакала да ви предочам дека Кабинетот е во процес на формирање Совет за дијаспора како институционален облик на соработка со неа, како мост и канал за постојана комуникација со дијаспората. Јас, лично, но и мојот Кабинет ви стоиме на располагање за промоција, поврзување, посредување, презентирање, консултирање, информирање, поддржување, интегрирање со домашните субјекти од различен тип и во различни области.
Сакам да ја споменам нашата работа на Дигиталниот регистар на најуспешните во дијаспората, како неопходна алатка за поврзување, вмрежување и стратешко вклучување на дијаспората во развојните процеси во татковината. Со неа целиме кон мапирање на научниците и експертите, политичките и бизнис-лидерите, културните и спортските дејци како вреден потенцијал и извор на ум, знаење, вештини и искуство, неопходни за креирањето програми и политики.
Се разбира, соработката со „Македонија 2025“ ќе продолжи во започнатите проекти, како што е традиционалниот „Охрид камп за високотехнолошка извонредност“, којшто е доказ дека соработката е можна, корисна и посакувана од најраната возраст, оти младите се нашата иднина во која треба да инвестираме.
Со ум и од срце, ви благодарам за поддршката, ви честитам на признанијата од „Македонија 2025“ и ве охрабрувам за понатамошна соработка и успеси!
Благодарам.