Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ивановски и Поп Арсова – победници на 9.издание на HalkEco Скопје Трча 10 км

Дарио Ивановски и Адријана Поп Арсова се победници на денешното 9.издание на HalkEco Скопје Трча 10 км , на која учествуваа околу 1700 тркачи.

Ивановски патеката ја истрча со време 30:59 минути. Второто место му припадна на Муџахид Мислими, со време 32:22 минути, а третото на Димитар Илиев, со време на трчање од 32:35 минути.

Во женска конкуренција, најбрзата, Поп Арсова оствари време 35:35 минути, второто место го зеде Билсерин Сулејман со 35:58 минути, на третото место заврши Невена Јовановиќ со 36:58 минути.

Во категоријата учесници со телесен инвалидитет, која беше новина на годинешново издание на трката, од вкупно 12 пријавени, победници се Габриела Стојановиќ во женска конкуренција со време 59:28 минути и Зоран Јовановски во машка конкуренција со време 01:06:21. Второто место во женска конкуренција со време 01:10:42 го освои Јелена Трајковиќ, а Елизабета Симева Јовановска беше трета со освоено време 01:14:20. Александар Јовановски со време 01:11:56 го освои второто место, а со време 01:12:45 третото место му припадна на Шукри Мемеди.

Трката започна и заврши пред фонтаната Лотос, а 10 км долгата патека по која се трчаше беше по булеварот „Илинден“ и по дел од булеварот „Партизански Одреди“.
Трката се одржа со цел да се промовира активен и здрав живот, како и инклузивност во спортот, а настанот ја зацврсти својата позиција како еден од најзначајните спортски настани во регионот.

И годинешново 9.издание на HalkEco Скопје Трча 10 км не беше само спортски настан, туку и важен момент за афирмирање на спортот и инклузивноста во општеството. Учеството на голем број тркачи, вклучувајќи и лица со телесен инвалидитет, ја нагласија важноста на овој настан како средство за социјална интеграција и промоција на здравиот начин на живот. Публиката која со ентузијазам ги поддржуваше учесниците, насмеаните лица на стартот и финишот, како и спортскиот дух што владееше на патеката, создадоа неверојатна атмосфера.

Организаторите, Сојузот на Спортови на Скопје, во соработка со А.К. Скопски Маратон и А.К. Работнички, уште еднаш ја потврдија својата улога во создавањето на настан кој ги обединува сите учесници и ги инспирира за понатамошен развој на спортските активности и позитивни промени во заедницата.