Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ФОТО: Кабинет на Претседател / Денис Јагџи
.МАКЕДОНИЈА

Сиљановска-Давкова: Саемот на книгата е обид за културен натпревар на народите

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати и официјално го отвори 37-миот Саем на книгата 2025, најголемиот книжевен настан во земјава којшто под мотото „Храна за душа“, се одржува од 8 до 14 мај во Скопје.

Таа нагласи дека токму Саемот е обид за културен натпревар на народите и рече „со писателите и поетите како сојузници, ние сме подготвени за културен натпревар во Европа и во светот“.

Претседателката потсети на фактот дека иако не сме дел од ЕУ, наши автори биле во 10-те наградени: Гоце Смилевски, Лидија Димковска, Петaр Андоновски и Ненад Јолдески. Тоа е нашиот доказ дека ние културно отсекогаш сме биле дел од Европа, рече таа и повика на културен, а не на некултурен натпревар.

Укажувајќи дека културата, образованието и науката се полиња на рамноправност, каде што нема мали и големи, Сиљановска-Давкова рече дека откажувањето од читање, значи откажување од размислување и ако така продолжиме, тоа ќе не доведе до духовен и интелектуален банкрот.

Сиљановска-Давкова истакна дека младите треба не само да читаат, туку и критички да размислуваат и повика на создавање на „Дом на книгата“, како трајно културно засолниште за идните генерации.

Прогласувајќи го Саемот за книгата за отворен таа го цитираше и Петре М. Андреевски кој нè предупреди дека, ако го загубиме односот кон книгата, ќе го загубиме човечкиот идентитет.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателката Сиљановска-Давкова:

Прекрасно се чувствувам, посакувам да останам овде, да не се враќам на работа, искрена да бидам.

Како гледам на денешниов настан јас? Во ера на некултурен натпревар на народите, ова е обид за културен натпревар на народите. Затоа ги поздравувам двајцата министри, ја поздравувам директорката, ја поздравувам управителката, ама кога реков културен натпревар на народите се потсетив на куферите со кои се враќавме од саемот на книгата во Белград, таму беа поевтини книгите одовде. Се потсетувам на прекрасните книги и еве, ќе започнам со една шокантна информација. Веројатно јас сум една од ретките која на свадба им подарува книги на младенците, обично убаво ќе ги спакувам и им пишувам: „Ако политиката е уметност на можното, бракот е уметност на неможното, но вреди да пробате да бидете уметници. Како? Преку книгите ќе научите“.

Значи, она што ми недостига е саемот на книгата, мислам на градбата, си кажувам, и мислам дека час поскоро треба да создадеме дом на книгата.

Го поздравувам саемот на книгата, најмногу ги поздравувам верните читатели, љубители на книгата, писатели, поети, тие се нашите најголеми амбасадори низ светот и по нив нè познаваат.

Саемот на книгата е секоја година како некоја крстосница на македонска, на балканска, на европска и на светска книжевност и мислам дека со години е врвна културна институција. Знам дека тука има многу библиофили, знам дека тука ќе сретнам многу книжевници, а меѓународен е, се разбира, бидејќи знам дека изложуваат и издавачи од други европски држави. Еве, подготвувајќи се видов дека има од Сојузна Република Германија, а знам дека Србија се врати таму, каде што ѝ е местото, а верувам дека и ние ќе си го најдеме местото на саемот на книгата таму.

Oвој саем доаѓа во време на јубилеи: пред два дена одбележувавме 80 години од кодификацијата на стандардниот македонски јазик, уште еднаш да повторам, може да кодифицирате нешто што е создавано со векови, не можете да измислите јазик, дури и со есперантото не одат работите како што се замислуваат. Mислам дека пред две недели, по 30-ти пат се одбележа Светскиот ден на книгата и еве, бидејки цитираа говорниците пред мене и јас да се навратам на нашиот величествен Петре М. Андреевски. Тој би бил замолен нели, по тој повод да напише пофалба на книгата и што вели тој – дека во книгата имаме секогаш отворен простор да се дружиме со сите луѓе и на сите далечини и да ги преземеме нивните соништа, оти само оној што знае да сонува, знае да ја исполни радоста од својот плодотворен живот. Мислам дека сосема во право бил Франсоа Моријак кога рекол исто така, кажи ми што читаш, а јас ќе ти кажам кој си. Токму книгите што ги читаме, а особено оние книги на кои се навраќаме, ги препрочитуваме, јас тоа честопати го правам и гледам дека сега поинаку гледам на многу напишани нешта од што сум гледала во младоста. Зборуваат повеќе за нас, зборуваат за нашите идеи, за нашите идеали одошто било која напишана биографија или сиви, или особено профилите на социјалните медиуми.

Прашањето ми се чини, со кое денес се соочуваме, не е само кои книги ги читаме, туку колку време имаме и издвојуваме за читање. Зошто? Бидејќи времево во кое живееме, време – невреме, некои социолози со право го дефинираат како ера на расеаност, или ако сакате, некоја тиранија, диктатура на ургентното, кога нам ни се одзема слободното време, или сами попусто си го трошиме, медиумите веќе не се натпреваруваат како да го придобијат времето на публиката, туку сакаат целосно да нè заковаат за екраните, особено за мрежите. Мислам дека без слободно време нема читање на книги, а без читање на книги нема размислување.

Ме праша министерот за култура дали сум прочитала нешто неодамна.  Да, во Или – или ја пронајдов книгата на Робер Бадентер, „Идис“. Идис е бабата на Робер Бадентер. Не сум знаела дека Робер Бадентер има еврејско потекло, не сум знаела дека поминал тежок живот и дека некој кој најмногу помогнал да опстои неговото семејство била неговата баба Идис. Значи ние не можеме да се посветиме на едно од најважните прашања, читањето на книгите.

Сè поголем дел од нас, не само од македонската популација, не само од српската, од светската, се оддалечува од книгата и консумира што? Некакви си исечоци, фрагменти на социјалните медиуми и таму доминира сензационализмот, ама во него нема суштина. Тоа е нешто страшно, нешто што ќе нè отапи, нешто што ќе нè отчовечи, бидејќи откажувањето од читањето значи откажување од размислувањето и тоа ќе нè доведе, ако продолжиме, до духовен и интелектуален банкрот. Не ми веруваат некои од моите студенти, или од пријателите кога ќе им кажам дека ние во гимназија ги читавме секогаш нобеловците по литература.

Не ми веруваат кога им кажувам дека сме ги читале „Војна и мир“, па зар е можно? Ми велат дека денес имало некои скратени верзии со кои може да одглумите, односно да излажете дека сте ги читале и така со десет реда ќе прочитате. Ама кога ќе прашате што мислите за Наташа Ростова или за Пјер Безухов, ќе ви речат: „Кои се тие?“. Значи, ми се случувало и ќе го продолжам тоа, заедно со мојата колешка Каролина Ристова Астеруд, да им подаруваме на студентите книги. На кои? На оние кои веруваат дека има подобри анализи во литературата одошто во многу научни трудови. Еве, пример ќе ви дадам. Кога сум зборувала за големата економска криза во САД во рамките на современи политички системи, па сум им ја давала онаа убавка книгичка, мала, од Џон Штајнбек, „Глувци и луѓе“ (Mice and Men). Таму е подобро опишана кризата, одошто во многу студии. И постојано велам, еднаш цинично, ако се сеќавате, кога некој изјави дека еден националист многу ја сакал Македонија, јас реков дека, да, ме потсетува на Лени од Штајнбек, кој толку ја сакаше девојката, што ја задуши во чудната љубов.

Да се вратам на нашите корифеи, мислители, Горан Стефановски.

Нè потсети дека за да преживее, пајакот ткае мрежи, а луѓето за да преживеат, ткаат приказни за тоа, кои се, што се, од каде доаѓаат и каде одат. Овие приказни, овие книги, се столбот на нашиот идентитет. Тие се наративни мапи, што ни помагаат да се ориентираме во животот, да го разликуваме доброто од злото, вредното од безвредното, вистинитото од лажното. Затоа, мислам дека, наша должност е со личен пример да им ја пренесеме љубовта кон книгата на нашите млади.

Ете тој Денди, што беше тука и му подари книга на министерот, се повика на духот, на читачкиот дух. Тие се мислечки суштества, значи од деца треба да ги заразуваме со книгата. Тоа се најверните пријатели. Никогаш не ве напуштаат, секогаш ве чекаат, во било која доба од денот или од ноќта, тоа е безрезервна љубов. И тоа секој ќе го посака. Значи, на нашите деца, на нашите внуци, ученици, студенти – да читаат, ама и критички да размислуваат. Колку повеќе читаме, толку повеќе се надградуваме, толку помала е веројатноста дека ќе бидеме прочитани од моделите на вештачката интелигенција, профилирани од алгоритмите на маркетиншките агенции и изманипулирани во нашите одлуки.

Повторно ќе му се вратам на Петре М. Андреевски. Тој нè предупреди дека, ако го загубиме односот кон книгата, ќе го загубиме човечкиот идентитет. Бегството од книгата, за мене е бегство од слободата. Бегството од книгата е ограничување на нашата свест и совест за слободна мисла.

Верувам дека годинешниов саем на книгата е можност, барем еден ден, да се обезбедиме за оние што доаѓаат 364 дена, дека ќе имаме, кои ќе бидат секогаш до нас, и кога ќе бидеме среќни, несреќни, осамени, кога ќе имаме потреба од друштво, да си ги нахраниме душите, да си ги поддржиме нашите автори и издавачи. Тие се највредното нешто за една мала држава.

Секогаш сум се фалела во Венецијанската комисија од фактот дека не сме во ЕУ, ама наши автори биле во 10-те наградени на ЕУ. Гоце Смилевски, Сестрата на Зигмунд Фројд, понатаму Лидија Димковска, Петре Андоновски. Тоа е нашиот доказ дека ние културно отсекогаш сме биле дел од Европа. И затоа јас повикувам на културен натпревар, не на некултурен натпревар.

Со оваа мисла дека највредното сте вие, писателите, поетите, пишувачите, со вас можеме да се натпреваруваме надвор, затоа треба да вложуваме во култура, во образование, во наука. Таму нема мали и големи. Ова е голем ден за мене, ова е прекрасен ден за мене, и дозволете ми вака вознемирена, одвај чекам да видам што има ваму и таму, да го прогласам саемот на книгата за отворен. Ми беше чест.

ФОТО: Кабинет на Претседател / Денис Јагџи