На Меѓународниот ден на трудот, СДСМ обелодени нов скандал поврзан со Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Според податоците од „Отворени финансии“, само во првите четири месеци од 2025 година, функционери од власта потрошиле над 30.000 евра на ресторани, гозби и скапи вечери – во време кога граѓаните се борат да преживеат со минимални плати.
Од СДСМ велат дека ова е уште една потврда за целосното отуѓување на власта од реалноста. Партијата тврди дека министрите на ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат како елита заглавена во луксуз, без чувство за состојбата во која живее народот. Според нив, додека граѓаните слушаат од Владата дека „нема пари“ за зголемување на плати, тие пари завршуваат на трпези со трицифрени сметки по скапи скопски ресторани.
„Ова не е расипништво – ова е изживување“, порачуваат од СДСМ, обвинувајќи конкретни министри, меѓу кои Александар Николовски, Тимчо Муцунски и Зоран Љутков, за расфрлање со народните пари. Особено ироничен е случајот со Љутков, кој, според партијата, не исплатил плати во културниот сектор – но истовремено не штедел за своите вечери.
СДСМ најави дека ќе продолжи да ги објавува сите случаи на расипничко трошење и ќе се бори за правата на граѓаните и работниците, кои се, како што велат, понижени и игнорирани од актуелната власт.