Нов скандал ја тресе Владата на ВМРО-ДПМНЕ – опозициската СДСМ објави фрапантни податоци за трошењето на јавни средства од страна на министрите.
Според анализата на опозициската партија, над 30.000 евра се потрошени само на угостителски услуги во текот на првите четири месеци од годинава. Тоа значи дека месечно, државни функционери од Владата трошеле по околу 10.000 евра – во ресторани, на вечери и специјалитети што граѓаните не можат ниту да си ги замислат.
Во ек на економска криза, инфлација и ниски плати, ова расипништво ја отсликува длабоката безосетност на владејачката гарнитура, обвинуваат од СДСМ. На листата на „главни кафанџии“, според партијата, се истакнуваат министрите Александар Николовски, Тимчо Муцунски, Љутков и други.
„Малку ли ви беа папајата, аспарагусот и егзотичните набавки од 35.000 евра? Дали тоа не беше доволно за владата да се најаде, па требаше уште толку да се потроши и по ресторани?“, прашаа од СДСМ.
Случајот е особено контроверзен бидејќи доаѓа непосредно по обелоденувањето на претходен скандал со егзотично овошје – папаја, аспарагус и манго – набавено за владата.
Од СДСМ порачуваат дека оваа власт не е во допир со реалноста и дека нејзината приоритетна грижа не се граѓаните, туку сопствениот луксуз. „Ова е власт што живее над народот, а не со него“, порачаа од партијата.