30. април 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Пакистан тврди дека Индија подготвува напад; Индија: Пакистански војници пукаа на границата

Пакистанскиот министер за информации, Атаула Тарар, вчера изјави дека неговата земја има веродостојни разузнавачки информации дека Индија има намера да започне воен напад во следните 24 до 36 часа.

Изјавата на Тарар доаѓа во време на зголемени тензии меѓу двете нуклеарно вооружени земји, откако Индија ги идентификуваше двајца од тројцата осомничени милитанти зад нападот на 22 април, во кој загинаа 26 лица во туристичкото одморалиште Пахалгам во Кашмир, како Пакистанци.

Безбедносните претставници и преживеаните рекоа дека милитантите ги одвоиле мажите на местото на нападот, ливада во областа Пахалгам, ги прашале за нивните имиња и ги насочиле кон хиндусите пред да пукаат во нив од непосредна близина.

Исламабад негираше каква било вмешаност и побара независна истрага. По нападот, и Индија и Пакистан презедоа низа мерки едни против други. Индија го суспендираше клучниот Договор за водите на реката Инд, додека Пакистан го затвори својот воздушен простор за индиските авиокомпании.

„Пакистан има веродостојни разузнавачки информации дека Индија има намера да започне воен напад во следните 24 до 36 часа, користејќи го инцидентот во Пахалгам како лажен изговор“, напиша Тарар во објава на социјалната мрежа X.

Тој додаде дека секој акт на агресија ќе наиде на решителен одговор. „Индија ќе биде целосно одговорна за какви било сериозни последици во регионот“, најави тој.

Министерството за надворешни работи на Индија не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.

Пакистанскиот министер Тарар, исто така, изрази сериозна загриженост за, како што рече, обидите на Индија да го делегитимизира движењето за слобода на Кашмир користејќи го изговорот за борба против тероризмот, како и за теророт што го спроведува Индија во Кашмир.

Тој особено нагласи дека е неприфатливо Индија да ги користи водите на сливот на реката Инд како оружје, истакнувајќи дека од тоа зависат животите на 240 милиони луѓе.

Индиската армија тврди дека пакистанските војници отвориле неселективен оган од лесно оружје без никаква провокација од позиции преку линијата на контрола, де факто границата меѓу двете земји.

Пукањето, кое започнало од лесно оружје, било пријавено од пакистански позиции во секторот Паргвал долж Меѓународната граница во округот Џаму, како и во секторите Сандербани и Наушера во округот Раџури. Ова е шеста ноќ по ред како Пакистан го прекршува прекинот на огнот долж линијата за контрола, во услови на зголемени тензии меѓу Њу Делхи и Исламабад по неодамнешниот терористички напад во Пахалгам на 22 април 2025 година, во кој загинаа 26 лица, соопшти индиската армија, додавајќи дека одговорила брзо и пропорционално.

„Непровоцирано пукање од лесно оружје беше пријавено и од пакистански позиции преку линијата на контрола во областите Барамула и Купвара, како и преку меѓународната граница во секторот Паргвал“, соопшти индиската армија.

Слични инциденти беа регистрирани и во претходните денови, додаваат./Извор:Makfax