Папата Франциско почина утринава на 89-годишна возраст, соопшти Ватикан.
„Утринава во 7:35 часот, бискупот римски Франциско се врати во домот на Отецот. Целиот негов живот беше посветен на службата на Господ и Неговата Црква“, објави кардиналот Кевин Фарел во изјавата објавена од Ватикан на својот канал Телеграм.
Вчера, на Велигден, папата Франциско неочекувано се појави пред верниците на плоштадот Свети Петар во Ватикан и на толпата накратко им посака: „Среќен Велигден“. Светиот Отец излезе во инвалидска количка и од балконот на базиликата Свети Петар им мавташе на илјадниците насобрани верници кои го поздравија со голем аплауз.
Годинава, за прв пат откако беше избран за папа во 2013 година, Франциско пропушти поголем дел од ритуалите на Светата недела, вклучително и велигденското бдение во саботата навечер, каде што празнувањето на миса им го препушти на кардиналите. И покрај се, на Велигден накратко се појави внатре во базиликата, каде пред насобраните луѓе кажа кратка молитва и им подели слатки на децата.
На вчерашното појавување тој делуваше многу изнемоштено и исцрпено, а на насобраните само им рече: „Драги браќа и сестри, среќен Велигден“./Извор:Makfax