Нафрли една идеја господинот Тричковски на Фејсбук (претпоставувам инспириран од интервјуто на македонскиот режисер Александар Поповски, даден уште во времето на грозниот или позниот груевизам за српска „Политика“, „Хамлет данас протестује на улицама“, 01.07. 2016. година, која гласи: „Големите срања на малиот човек“.
Добро, разбирливо, интервјуто е спин, поточно интервјуто е преземено од пред 9. години (и ставено во денешна темпоралност) на режимските гласила со единствена цел: да се бербати и клевети таканаречената „еманципаторска“ и „граѓанска“ класа во Северна Македонија која не е на страната на актуелниот режим.
Но, добро, тоа е политика: гадна, злобна и одвратна, ама таква ви е политиката. А ние да одиме на тезата која Тричковски, со право, ја развива, па да се обидам таквата идеја да ја продлабочам и „доразвијам“. Имено, за малиот човек што е способен за големи срања, ако може така да кажам. А неодвоиво од „малиот човек“ е таканаречениот народ. Ја знаете онаа идиотска Бранкова фраза која гласи: „народот е во право и кога греши“?
Е, жалам што мора јас да бидам свиркачот на лошите вести: народот никогаш не е во право. Или ако сакате да заоштриме повеќе: беден народ никогаш не може да биде во право.
За нас кои на училиште одевме во времето на комунизмот, историјата не беше особено тешка наука. Нашата ера почнуваше со народноослободителната борба. Пред нашата ера постоеше историја на Комунистичката партија на Југославија, така што најславниот момент беше тогаш кога Тито рече дека го признава само судот на својата партија. Тоа беше еден вид „апокрифно евангелие“.
Се разбира, постоеше историја и пред Тито, ама таа не беше важна. Знаевме ние, се разбира, и за Австро-Унгарија, и за Турција, и за другите кралства и царства, ама „Титовата патека на револуцијата“ реков, беше за нас „апокрифно евангелие“.
Самоуправниот социјализам падна, а ние „изградивме“ суверена, независна и бла, бла, бла држава. Целто македонско дување за „народот е во право и кога греши“ или „зборување од главата на цел народ“ е најмалку два милениуми задоцнета и ретардирана варијанта на Хомер.
Затоа што локалната варијанта на Хомер си ги направи своето – на локалниот Платон се’ уште чекаме. Пеењето е тука, а ќе даде Бог и среќа јуначка, ќе го откриеме и мислењето.
Понекогаш, мислам дека нешто не е во ред со мене. Македонската историја ме интересира колку што ме интересира мува кога ми зуе околу главата во месец април додека пијам кафе во локалното кафуле. Замавнувам со раката, и’ ја набркувам од себе – и тоа е се’. Знам како се ужива сам во чашка добар single malt, oсобено кога имам пари. А знам и кога немам пари: узо и ракија е пијачка за заробеници. Знам како се ужива во добра цигара, знам како се ужива во кебабчиња со кајмак. Ама како се ужива во национална историја – за тоа не можам да ви кажам ништо.
Не знам ништо за тоа кога човек ќе залегне на фотеља и рече: „ние сме стар народ, уште од XII век, народ што дал толку големи луѓе, изградил градови и мостови, водел големи битки“, а потоа ќе воздивне од мерак.
Не знам како се доаѓа до заклучок дека јас, човек со српско презиме, е наследник на „српската монархија од времето на Караѓорѓе Петровиќ“. Не знам како се доаѓа до заклучок дека народ што е стар, и едноставно затоа што е стар, е во право. Не знам каква врска има Македонскиот народ, додека го мерка Александар и Филип во центарот на Скопје, се идентификува себе, ама може да ви кажам дека во тој скопски центар има феноменални ресторани и кафани.
Колективниот македонски идентитет, претпоставувам, за мене ќе остане мистерија.
Паролата „се’ за македонците/србите/хрватите/црногорците/бугарите/грците“ според мојот суд е идиотска, а во идиотизмот не уживам. Идиотизмот ме иритира, исто како што ме иритира некој кога ме плука и’ ми сере врз глава, а за мене не знае ништо.
Не знам како се зборува од името на целиот народ. Се надевам, меѓутоа, некогаш, понекогаш, многу ретко, сум успеал да кажам нешто во свое име. Не само што не знам кои сме тоа „ние“, туку непрекинато се обидувам да разберам кој сум јас. „Ние“ за мене не се ниту Македонците, ниту Бугарите, ниту Србите…
„Ние“ за мене значи сите луѓе.
Ова овде, ова внатре, ова напишано на ова место, би можело да биде јас. Она кое е надвор од мене, тоа е светот и сите други. Некои од тие други искрено ги сакам, некои ме иритираат, некои би ги гушнал, некои не сакам на патот да ги сретнам. Не сакам ништо нивно. Немам ништо кое нив нешто мое би им требало.
Некои луѓе собираат сликички, некои се металци и рокери, некои се вехабии, оџи, попови, а некои шетаат по улици како вејки на ветрот; некои, пак, се здружуваат во народи и пејат во хор.
Јас мислам и зборувам само во еднина. Еден е доволно, еден е премногу. Еден е нешто. Мнозинството е ништо.
Додека ја читав Бенџаминовата „Едносмерна улица“, разбрав дека „Ad plures ire“ значи да се придружиш на мнозинството, а кај Латините значи – да се умре. Да се живее во толпа, значи да се биде мртов.
Мртвите непрекинато, особено тогаш кога сакаат да убијат, се повикуваат на мртвите. Што се однесува до мене: „нека мртвите ги закопаат своите мртви“. Јас сум жив, имам силна намера жив да продолжам по патот. Не знам за вас, ама тоа мене навистина ми е важно.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.