15. април 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Се урна хеликоптерот на милијардерот Владимир Ковар: во моментот на несреќата богаташот управувал со леталото

Милијардерот Владимир Ковар, основач на чешката софтверска компанија „Уникорн“, е повреден кога неговиот хеликоптер се урнал во Чешка, во близина на селото Храдецко.

Несреќата се случила во саботата, а Владимир поминал со полесни повреди. Според прелиминарните наоди на истражителите, причина за несреќата е неконтролирано пилотирање за време на маневри за слетување, пренесува Novinky.cz.

Владимир Ковар, кој беше на листата на 100-те најбогати Чеси од страна на магазинот „Форбс“, има пилотска дозвола и основа школа за обука на пилоти за хеликоптери. Несреќата се случила непосредно пред слетувањето.

„Нему му недостигаше брзина на одредена височина. Во тој момент ништо не можеше да се направи и леталото падна на земјата. Тоа беше грешка што можеше да се случи. Тука секундите беа одлучувачки. Немаше прашање за каква било недисциплина“, изјави Јозеф Бејдак, заменик-директор на Канцеларијата за истражување на причините за авионски несреќи.

Портпаролката на полицијата, Барбара Шматерова, изјави дека 62-годишниот пилот бил негативен на алкотестот.

Брза помош го пренела Ковар во Универзитетската болница во Плзењ. Во неделата директорот на болницата, Милан Немец, за „Новинки“ потврди дека пациентот е хоспитализиран на ортопедскиот оддел.

Тој беше подложен на едноставна медицинска процедура и неговата состојба не е сериозна“, рече Немец.

Хеликоптерот се урнал во поле, на 20-ина метри од патот. Според портпаролката на регионалната служба за итни случаи, Мартина Штепан, пилотот цело време бил свесен.

„Имаше полесни повреди на долните екстремитети. Поради карактерот на механизмот на повреда, со хеликоптер е пренесен во здравствена установа“, прецизира Штепан.

Богатството на Владимир Ковар се проценува на повеќе од осум милијарди чешки круни./Извор:Makfax