Во согласност со одлуката на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска стапи во сила нов сет на царини, кои погодуваат 60-ина земји, со посебен фокус на Кина. Овие мерки предизвикаа сериозни потреси на глобалните финансиски пазари, при што цените на акциите драстично паднаа во Азија, а „Волстрит“ падна на најниско ниво во една година.
На азиските берзи индексот MSCI на азиско-пацифичките акции утрово беше во минус за речиси 2 %. Јапонскиот Nikkei потона за повеќе од 4 %, а индексите во Хонг Конг, Јужна Кореја и на Австралија паднаа меѓу 1,6 и 1,9 %. Иако кинеските берзи во Шангај забележаа благ пораст, инвеститорите беа јасно потресени од воведувањето дополнителни царини.
Немирите на пазарот се проширија во Европа и САД. Фјучерс-индексите во Европа и на „Волстрит“ влегоа во црвената зона, при што фјучерсите на Eurostoxx 50 паднаа над 3,5 %, а Nasdaq и S&P 500 забележаа пад од над 1,5 %.
На „Волстрит“ сите главни индекси забележаа пад.
Трамп, и покрај надежите на инвеститорите дека мерките може да се олеснат, ги исполни своите закани – царините за кинеските производи се зголемени за дополнителни 50 % достигнувајќи вкупно 104 %. Како одговор, Кина најави контрамерки во форма на царини од 54 % за американските стоки и отфрли секаква можност да попушти под притисокот на Вашингтон.
Економистите предупредуваат дека двете најголеми светски економии влегле во кукавичка игра, без јасен излез. Тинг Лу, економист од компанијата „Номура“, истакна дека ситуацијата е исклучително флуидна и дека во моментот е невозможно да се процени како трговската војна ќе влијае на кинеската економија.
Покрај падот на акциите, пазарите ги потресоа и движењата на валутите. Доларот ослабе во однос на јапонскиот јен за 0,8 % и во однос на швајцарскиот франк за 0,5 % – валути што инвеститорите традиционално ги гледаат како безбедни засолништа во нестабилни времиња. Индексот на доларот падна од 102,95 на 102,20 поена, а еврото зајакна на 1,1045 долар.
Во меѓувреме, кинеската централна банка дозволи јуанот да падне на најниско ниво од септември 2023 година, што Трамп го искористи за да го обвини Пекинг за валутна манипулација. И покрај тоа, тој изрази уверување дека Кина на крајот ќе побара договор.
Ситуацијата дополнително се комплицира со порастот на приносите на американските обврзници, што сугерира дека странските инвеститори – првенствено кинеските – би можеле да почнат да го повлекуваат капиталот од САД. Индексот на нестабилност на пазарот, познат и како индекс на страв, скокна на највисоко ниво од пандемијата во 2020 година, што укажува на сериозна загриженост кај инвеститорите.
Негативно реагираа и нафтените пазари – цената на барел сурова нафта на лондонскиот пазар падна 4,14 %, на 60,25 долари, а пад од 4,55 % е забележан на американскиот пазар, на 56,90 долари.
И додека американските и азиските берзи се во пад, европските берзи вчера забележаа силен раст – инвеститорите се надеваат дека преговорите меѓу САД и Европската Унија за царините може да донесат позитивен исход./Извор:Makfax