Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска се обрати на завршниот настан за проектот насловен: „Унапредување на системските недостатоци – поддршка на реформите во системот за заштита на деца во Северна Македонија, Украина, Албанија, Белорусија и Ерменија“.
Целта на проектот на СОС Детско село Северна Македонија беше поддршка на процесот на деинституционализација во согласност со Националната стратегија за деинституционализација (2018-2027). Реализираните активности вклучуваа зајакнување на националните политики за згрижување деца, подигнување на свеста и зајакнување на капацитетот за згрижување и воведување иновативни социјални услуги.
На почетокот на своето обраќање министерот Лимани, се осврна на заложбите и посветеноста на Министерството за социјална политика, демографија и млади во унапредување на системот на социјална заштита, со цел секое дете да расте во средина исполнета со љубов, сигурност и почит.
„Горди сме дека во нашата земја, изминатите пет години ниту едно дете без родителска грижа под 18 години не е сместено во резиденцијална институција. Денес, над 80 проценти од овие деца се во згрижувачки семејства, а останатите во мали групни домови. Регионалната димензија на проектот покажа дека, размената на искуства меѓу институции и професионалци од различни земји, нуди уникатна можност да учиме едни од други.
Министерот го истакна значењето на партнерството меѓу министерството и граѓанскиот сектор во решавањето на клучните предизвици: зајакнување на социјалните услуги за превенција и поддршка на семејствата во ризик; подобрување на статусот на згрижувачите и квалитетот на нивната поддршка; унапредување на реинтеграцијата на децата со биолошките семејства и зајакнување на капацитетите на стручните служби за поддршка на деца со комплексни потреби.
„Искуството од проектот ни помогна да согледаме кои се предизвиците пред сите нас за да обезбедиме одржливост на постоечките социјални услуги, но и да стимулираме отворање нови онаму кадешто има недостаток на социјални услуги. Мораме да продолжиме сериозно и одлучно да го унапредуваме системот за социјална заштита, вклучувајќи и промена на одредени правилници и акти за да осигураме дека развиваме услуги кои одговараат на потребите на корисниците. И покрај резултатите постигнати преку овој проект, мораме и понатаму системски да го јакнеме системот на згрижување, зашто семејната грижа е во најдобар интерес на децата. Ние сме подготвени да работиме заедно со Министерството на потребните системски унапредувања, зашто никој не посакува повторно институционализирање на корисниците,“ истакна националната директорка на СОС Детско село Северна Македонија Јулијана Гапо.
Раководителот за јавност и култура од Амбасадата на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, Кевин Маас посочи дека начинот на којшто едно општество се грижи за своите најслаби членови ја покажува неговата сила.
„Во последните четири години, регионалниот проект на СОС Детско село придонесе за зајакнување на грижата за децата во Северна Македонија, користејќи пристап прилагоден кон потребите на децата, на одржлив и на начин што ја поттикнува соработката. Тоа ги подобри животите на децата без родителска грижа и ја постави основата за континуиран развој на поефективен и поодржлив систем за заштита на децата во Северна Македонија,“ истакна Маас.
На настанот присуствуваа претставници на локалната самоуправа, социјални и институции за заштита на деца и граѓански организации од Украина и Албанија кои се на студиска посета во земјава од 24 до 28 март.