Советникот за национална безбедност на САД, Мајк Волц, рече дека ја презема целосната одговорност за вклучувањето на главниот уредник на „Атлантик“, Џефри Голдберг, во приватен разговор на високо ниво на апликацијата за пораки „Сигнал“, во кој се разговарало за воените планови на САД.
„Ја преземам целосната одговорност. Ја направив оваа група. Мојата работа е да се погрижам сѐ да биде координирано“, изјави Волц во интервју за „Фокс њуз“.
На прашањето како го добил телефонскиот број на Голдберг, Волц изјавил дека бројот на новинарот случајно бил наведен под туѓо име, односно името на личноста што планирал да ја вклучи во групата на „Сигнал“.
„Дали некогаш ви било наведено нечие име во вашите контакти, а потоа имате нечиј број таму? Тоа? Имате нечиј број под туѓ контакт. Па секако дека не го видов овој губитник во групата. Изгледаше како некој друг. Сега се обидуваме да откриеме дали тоа го направил намерно или се случило на некој друг технички начин“, изјави Волц.
Тој не ја именуваше личноста што сакаше да ја додаде во разговорот, но рече дека личноста за која мислел дека е во разговорот никогаш не била таму.
Волц го поддржа и американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет.
Иако советникот на Трамп тврди дека информациите споделени во групата за разговор „Сигнал“ не се доверливи, тој вели дека би сакал Голдберг да не ги објавува целосните текстови на пораките. Тој додаде дека разговарал со Илон Маск за ова обелоденување и ветил дека прашањето ќе го истражат најдобрите технички умови.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека го поддржува советникот за национална безбедност Мајкл Волц откако главниот уредник на порталот „Атлантик“, Џефри Голдберг, случајно бил додаден во приватен разговор на високо ниво на апликацијата за пораки „Сигнал“, во кој се разговарало за воени планови.
„Мајкл Волц ја научи лекцијата и е добар човек“, изјави Трамп во телефонско интервју за „Ен-би-си њуз“.
Самиот Волц рече дека никогаш не се сретнал или разговарал со главниот уредник на „Атлантик“, Џефри Голдберг.
Се верува дека бројот на Голдберг бил додаден во групата од вработен во администрацијата на Трамп, според „Фокс њуз“.
Според изјавата на високи функционери, инцидентот вклучува објавување на американските планови за напад на Јемен на 15 март во групен разговор на највисоките функционери на администрацијата на американскиот претседател, во кој наводно по грешка бил вклучен и уредникот на порталот „Атлантик“./Извор:Makfax