Јапонскиот суд му досуди отштета од 1,4 милиони долари на Ивао Хакамада, кој помина 46 години во затвор чекајќи да биде погубен за злосторство што не го сторил, со што стана осуденик на смрт со најдолг стаж во светот, објави „Гардијан“.
Пресудата на Окружниот суд во Шизуока, издадена вчера, признава дека Хакамада бил жртва на полициска манипулација со докази и присилни испрашувања, при што бил принуден да го признае убиството на четири лица во 1966 година.
Иако подоцна го повлекол своето признание, тој поминал речиси половина век во затвор, живеејќи во постојан страв од егзекуција.
Јапонецот бил работник во фабрика и бил уапсен во 1966 година за наводно убиство на висок директор на компанијата, неговата сопруга и нивните две деца. Окружниот суд Шизуока го осудил на смрт во септември 1968 година. Хакамада кој бил поранешен професионален боксер поминал во затвор околу 47 години и седум месеци.
Тој бил ослободен во март 2014 година, откако новите докази фрлија сомнеж врз неговата пресуда, што довело до почеток на повторно судење.
Ослободувајќи го од обвинението во септември минатата година, Окружниот суд во Шизуока одлучи дека истражителите фабрикувале докази, а обвинителите одлучиле да не се жалат./Извор:Makfax