Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Иран: Подготвени сме за индиректни разговори со САД за нуклеарното оружје

Иран вчера соопшти дека е отворен за индиректни преговори со Соединетите Американски Држави откога претседателот Доналд Трамп побара преговори за нов нуклеарен договор. „Патот е отворен за индиректни преговори“, изјави иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, отфрлајќи ја можноста за директни разговори „додека не дојде до промена во пристапот на другата страна кон Исламската Република“, пишува „Економик тајмс“.

Највисокиот ирански дипломат рече дека Техеран нема да се вклучи во директни разговори со Вашингтон под закана и сѐ додека Трамп ја одржува својата политика за максимален притисок.

Според оваа политика во неговиот прв мандат како претседател, Трамп во 2018 година ги повлече САД од клучниот договор за иранската нуклеарна програма и повторно воведе осакатувачки санкции кон Техеран. Договорот, потпишан во 2015 година меѓу Техеран и западните сили, бара од Иран да ги ограничи своите нуклеарни амбиции во замена за укинување на санкциите.

Западните земји, вклучително и САД, долго време го обвинуваат Иран за нуклеарно оружје, што Техеран го негира инсистирајќи дека неговите активности за збогатување се чисто за мирољубиви цели. Претходно овој месец, на 7 март, Трамп рече дека напишал писмо до иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, повикувајќи на разговори за нуклеарните амбиции и предупредувајќи за можна воена акција доколку Техеран одбие.

Писмото беше доставено до Техеран на 12 март преку советникот на претседателот на ОАЕ, Анвар Гаргаш, објави тогаш иранската новинска агенција „Фарс“.

Во петокот Хамнеи рече дека американските закани нема да ги одведат никаде предупредувајќи на реципрочни мерки ако направат нешто злонамерно против Иран. Арагчи во четвртокот рече дека писмото на Трамп е повеќе закана, но додаде дека тоа исто така може да отвори некои можности и дека Техеран набргу ќе одговори.

Американскиот пратеник за Блискиот Исток, Стивен Виткоф, во интервју објавено во петокот рече дека целта на Трамп е да избегне воен конфликт преку градење доверба со Иран. Тој инсистира на тоа дека писмото не било наменето како закана.

Техеран и Вашингтон ги прекинаа дипломатските односи откога Иранската исламска револуција во 1979 година го собори шахот поддржан од Западот. Оттогаш швајцарската амбасада во Техеран ја олесни комуникацијата меѓу двете нации./Извор:Makfax