Очигледно е дека пропагандата на Мицкоски и неговите режимски пискарала се нестрпливи и нервозни. Трагедија во Кочани ги притиска, гледаат дека луѓето не се слепи и глупави. Се обидуваат да ја замаглат целата ситуација со некакви приказни за „Шарените револуционери“ кои денес, во овој контекст, тврд ви стојам – не постојат.
Нема да ја жвакаме истата приказна до болка зошто не постојат – а не постојат од иста причина како што денес не постои надежта која Мицкоски ја промовираше пред изборите: дека ќе биде подобро, дека ќе имаме сите подобра иднина од политиките на седумгодишното валдеење на СДСМ. Очигледно, политиката на овие простори се враќа како Бумеранг. Или едноставно речено: политиката е бич, со тоа што тепаш, тоа порано или подоцна ќе ти се врати.
А ако веќе мора да измислам некоја синтагма за оваа ситуација, би ја нарекол „ѓуска мечката“, или ако сакате да ја локализираме оваа синтагма, поточно ако би се обидел да бидам јазично попрецизен, би рекол: „игра мечката“.
Имено, режимот и нивниот главен челник, а тоа е премиерот на државата, се соочува со ситуација која ги надминува нивните реални капацитети, а посебно паѓаат со работи кои на многу гротескен начин се обидуваат да ги аргументираат. Запалената дискотека во Кочани, буквално убивањето на млади луѓе поради корупција е нешто во кое е импрегнирана цела политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, а таквата контаминација дојде и до самата врата на првиот човек во Владата.
Читам на нашите онлајн порталчиња дека приведени се околу 24. осомничени луѓе кои имаат посредна и непосредна врска со дискотеката во Кочани, што мене ми покажува дека цела вертикала и хоризонтала е на теренот на премиерот Мицкоски.
Мицкоски во оваа ситуација се обидува секој еден да го фрли „под воз“ само за да се спаси себе во политичка смисла, а тоа значи – откинување на живо месо од своето политичко тело, па под воз се фрлени тројца бивши и еден актуелен градоначалник на Кочани, како што се опфатени и фрлени под воз 27 физички и 3 правни лица за Кривично дело „тешки дела против општата сигурност“; па уште се „лицитира“ со затворски казни од 3. години до 10. години.
Засега, барем од она кое во овој момент го читам, овие луѓе се жртвените јагниња на Мицкоски. Дали ќе има уште, можеби некои од врхушката во Скопје, останува да видиме.
Од друга страна, револтот на граѓаните, не само во Кочани, туку и капиларно низ целата земја, се покажува дека е оправдан и спонтан. Не ја проблематизираат широката слика, туку ја враќаат на вистинската тема: бараат општество на правда исчистено од корупција. Поточно, темата е труење на општеството со корупција. А тоа што клиентелата на Мицкоски во минатото го правеше, во смисла на комуникациските тактики беше дека Северна Македонија е метастазирана од корупција и дека ако дојдат на власт, како што дојдоа, жестоко ќе се справат со таквата метастаза.
Меѓутоа, ѓаволот дојде по своето: главната тема на која дојдоа на власт им се одби од сопствената глава. И кога сами гледаат дека несмасно се справуваат со оваа проблематика, се обидуваат да подметнат темпирани бомбички за некакви бесмислени „шарени револуционери“, шпиуни, предавници и слични приказни кои веќе никој не ги пуши. За волја на вистината, Американската амбасада јасно го поддржува ВМРО-ДПМНЕ и неговиот лидер, оттука не може да стане збор за никакви повампирени „Шарени револуционери“, „странски платеници“, „ЦИА“ и останати трици и шлајшупки.
И затоа денес пропагандистите на Мицкоски изгледаат смешно и комично, иако тагата и болката од трагедијата во Кочани е огромна, така што ако нешто е смешно тоа е морбидноста со која се обидуваат да ја прикријат својата неспособност и некомпетенција дефамирајќи ги и’ дискредитирајќи ги цивилните луѓе кои не се партиски обоени.
За почеток, ова што денес го имаме, не е некоја „тесна“ општествена група, иако почнува некаков зародиш на излегување на плоштади под слоганот „Кој е следен? – марш за одговорност и безбедност“. Што од тоа ќе биде, останува да видиме, како што останува да се види и кои градови ќе се вклучат во таквиот протест, дали тоа само ќе се централизира во Скопје, или ќе продолжи да се шири по сите градови.
Овде нема некоја борба помеѓу „руралната“ со „централна“ Македонија, овде имаме борба во која целата земја бара ресет на целиот систем, затоа што корупција ја има на секој чекор низ цела земја.
Седумдневната тага која е оправдана, иако тагата на семејствата на починатите e вистинска и траорна, да бидам искрен, друга жалост не видов. Некрофилната природа на македонската политичка и културна елита, надворешните медиумски манифестации тоа ми го потврдуваат, како што ми го потврдува и клаустрофобичниот привид на ожалостеност едвај ги прикрива класните политички војни кои секој партикуларитет има своја политичка сметка во туѓата смрт.
Темпото, се разбира, го држат оние со најголеми пари, ресурси и дивизии, а тоа е власта. Што се обидуваат да постигнат – тоа не е познато. Познато е само едно, како што реков и погоре: власта се обидува да ја замагли целата ситуација со некакви приказни за „Шарените револуционери“ кои денес, во овој контекст, тврд ви стојам – не постојат.
Како ќе се обидат да се извлечат од својата (не)корупираност, бахатост и некомпетенција, и тоа останува да го видиме. Ќе го пропратиме и тоа. И ќе го прокоментираме во некој следен текст. Ама упорноста во продолжување на живот на популистичката политика удоволувајќи им на најниските страсти и пориви, политиката на безочна манипулација на животот и смртта, друштвената легитимација на лицемиерие, расипаност и лажливост; злоупотреба на општото во приватни цели – резултатот на нивната политика допрва ќе ја видиме, како што ќе гледаме, уште денови на жалости, кои сите нас со ваква „елита“ – се плашам – сосема сигурно не чекаат.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.