Фејсбук статус на Петрит Сарачини:
Иако претставниците на власта декларативно повикуваат на „сплотување“ и надминување на разликите, деновиве сè почести се обидите да се оцрни, замолчи и задуши критиката и револтот на граѓаните за трагедијата во Кочани.
Поддржувачите на власта во медиумите и на социјалните мрежи повторно водат оркестрирани хајки против студентите и граѓанските инцијативи што најавуваат собири и протести.
Повторно се „спружуваат“ медиуми, новинари, граѓански организации и активисти, повторно се прогласува за „шарен“, „платеник“ и „предавник“ – секој што ја критикува истрагата за трагедијата и постапките на „безгрешната“ власт, која бара одговорност секаде, но најмалку во сопствените редови.
Овие јалови обиди за бегство од сопствената одговорност не носат ниту сплотување, ниту обединување на целата земја за „промена на системот“. Тие многу повеќе потсетуваат на темните времиња на Груевски и „заробената држава“.
И по тие времиња, иако имаше далеку повеќе простор за критикување и протестирање, за жал немаше порешителни чекори за справување со убиствената корупција, криминал и долгогодишна ерозија на системот. Неказнивоста и недостатокот на слух за овие суштински потреби на граѓаните придонесоа во голема мера за катастрофалниот изборен пораз на минатата власт.
Но зарем новата власт не научи никаква лекција од минатото?
Зарем граѓаните немаат право да се револтирани, да протестираат и да бараат одговорност? Зарем медиумите немаат право да критикуваат и да бараат одговори за сите недоследности во истрагата и неодговорените прашања? Зарем со плукање и оцрнување на неистомислениците „ќе го смениме системот“? Зарем со вакви хајки не се засилуваат уште повеќе сомнежите дека власта сака да се амнестира себеси од вината?
Наместо да троши време на организирање хајки, демнење и шиканирање на критичарите, должност на власта е да го разбере и почитува револтот, да ја слушне критиката и прашањата на граѓаните, студентите, медиумите и граѓанските организации! Нејзина должност и одговорност е да спроведе неселективна и транспарентна истрага, која ќе лоцира одговорни виновници, и во минатото, но и во сегашноста.
Само така, и никако поинаку, може да се смени системот кој нè убива сите, без оглед на нашата припадност!