Отворено писмо до премиерот на Република Северна Македонија
Почитуван премиере,
Убеден сум дека сте зафатени со патриотски работи, молитви и тихување – верувам дека ве нема по телевизии, интернети и останати чуда на модерната технологија – па, да претпоставиме дека не знаете што се случува во профаниот свет раштркан по маргините и провинциите на нашата мачна и тешка црна земја. Оттука, верувам дека ќе го поттикнам Вашето ценето внимание.
Јас, почитуван премиере, се гледам себе како живеам во оваа наша заедничка земја последниве 46. години. Се гледам себе како живеам во земја без жива историја, без пристоен јазик и без култура, ама со моќни и силни снагатори и силеџии кои се во состојба да ја завладеат сета географска и физичка интелегенција, само затоа што се побројни од сите останати малцинства & граѓанства. Малцинства кои се, а богами и не се, иманентно „македонски“.
На сите медиумски „personae dramatis“, а вклучително и ти лично, почитуван премиере, устите ви се преполни со „системот“, „системот“, „системот“: „како ова ни се случи“, „зошто не стануваме подобри“ и „зошто продолживме по старо“. Така зборуваа овие денови домаќинските психолози од некрополитичките кујни, чаршии и фејсбуци, поплукајте ме ако грешам.
Имено, премиере, системот го нема – освен ако не мислиме на системот од филмот „Minority Report“, под претпоставка дека сте го гледале – и’ тој затаи – притоа предвиде и предупреди дека ќе се случи ерупција од ирационално насилство.
Ајде сега да се обидеме да го дефинираме општото место на зборчето „систем“. Има високопарни дефиниции, не велам нема, ама најдобро е да се преведе од изворниот грчки. Systema буквално значи „да стоиме заедно“, а Хрватите тоа зборче го вметнаа како „сустав“. Авторот „Неџо“, премиере, „матурант по професија“, а со хоби пишување, сака да ви каже дека апстрактните политички, државни, економски итд. системи немаат никакви ефекти (и дека по правило затајуваат) во популација кајшто секоја единка/поединец гради свои суб-системи и се занесува дека работи за општ интерес, па оттука системите се воспоставуваат.
Фамозните „македонски поделби“ не се ништо друго туку отсуство на спремност на поединците да со помош на својата волја го прифатат системот и да се вклопат во него, што за последица носи, помалку или повеќе – тоа зависи од надворешно-политичките околности – авторитарни власти кои општеството го држат на купче помалку или повеќе – и тоа зависи од надворешно-политичките околности – по принуден пат.
Почитуван премиере Мицкоски,
Во Македонија се пишува очајна книжевност (со неколку сјајни проблесоци), писателите и колумнистите се сметаат за пробисвети, будали и настрани луѓе, во главно тоа се типологии од луѓе кои не ја разбираат топката и колективниот спорт (со исклучок на мене, оти додека купишта луѓе растеа „како деца по партии“, јас „избегав од дома“, или што би рекол Радован трети, „шта ти је фалило тамо у завичај“(?) за да растам под кошеви, спортски сали и соблекувални), па се фатиле да се занимаваат со пишување.
Што ќе правиме, почитуван премиере, со Македонците кои не си го познаваат својот мајчин јазик и испишуваат CAPS LOCK коментари на Фејсбук, и главно пцујат, колнат, дефамираат и денуцираат, искрен да бидам, сите тие се твои, односно ваши гласачи. Таквите имаат купишта лажни профили кои не’ пцујат нас, „предавиците“, кои сме малку-од-малку поартикулирани од вашето гласачко тело, не велам „подобри“, скраја било, само велам поартикулирани.
Во сериозни држави, политичката елита ги раздвојува сериозните работи од целоднeвното удоволување на народната профана простота, а игрите за таквата профана простота дозволете ми да ви ја набројам: пи-ар парадите, државните одликувања, свечените академии, промената на стражите, гардиските дувачки оркестри, генерали накитени со пердуви и слични трици и шлајшупки.
Вие, премиере Мицкоски, мислите дека знамето, химната и грбот ја прават државата, Вие мислите дека на Левијатанот така му се дефинира смислата и содржината? Се лажете, премиере, знамето е обична „крпа на ветрот“, луѓето… луѓето се важни, премиере, сите луѓе, не само вашите луѓе кои само вас ве гласаат, иако добро знаете дека не ве гласаат затоа што лудо се вљубени во вас, туку ве гласаат од страв, ве гласаат затоа што се уценети и затоа што ги држите во таа нивна или ваша партија наречена „Платонова пештера“. Се разбираме, верувам, премиере, бидејќи ми делувате дека сте писмен човек.
Вистински демократ, најпрво внимава на оние кои не го гласаат и внимава на оние кои го критикуваат и, што, во тие критики му порачуваат, а потоа мисли на своите гласачи и својата партија. Така, според мене, би правел еден вистински демократ, да не’ речам претенциозно „државник“.
А во земјава македонска, почитуван премиере, тешко може ова да се нарече живот. Живи сме, а мртви. Ајде што ние не сме живи, не сте живи ниту вие, само нема некој околу вас да стисне муда и тоа да ви го каже. Не во физичка или физиолошка смисла живи, пу, пу, скраја било, ами во духовна, еманципаторска и критичка (с)мисла.
Ќе ви кажам уште неколку брутални вистини, почитуван премиере, затоа што верувам дека ова писмо го упатувам на вистинска адреса.
Цивилизациите почиваат на варварство: мир и благосостојба во центрите на метрополите значи пекол за оние на периферијата, во провинцијата, на маргините. Оттука, цивилизацијата, со уредената држава како едно од врвните постигнувања, е тотална инструментализација на хипокризија.
Да не би бил погрешно разбран: јас не сум за враќање на никаква „природна состојба“, не сум за никакво санирање на растурените врски помеѓу „човекот и природата“. О, не, само тоа не! Мојот проблем со оваа земја е што има премногу природа. Македонија е природна држава, на таков начин е создадена. Дотолку повеќе е и одвратна.
За да ја спасиме оваа земја и овие луѓе, според мојот осамен и „радикален“ суд кој е преблаг, а требаше да биде уште по радикален па да ви рече вака: зошто не ги поапсите сите „олигархиски ѓубриња“? Ама, пак, од друга страна, како ќе го направите тоа? Како ќе го направите тоа кога нивниот капитал е неодвоив дел од нашите војни. Сите вие во власта тоа го нарекувате транзиција.
Таа, имено, транзицијата, значи и следно: од лопови до бизнисмени. Тие лопови денес се нашите најпринципиелни легалисти. Тие денес се противат на секое насилство. Тие ја почитуваат светоста на приватната своина. Кога лоповите го стекнаа имотот, никој повеќе од нив не е заинтересиран се’ натаму да тече илегално и револуционерно. Тие кои имотите ги стекнаа бесправно на располагање им се сите правни сретства таквиот имот да го заштитат.
Лоповите, премиере, се точката на системот, затоа што никој посилно од нив нема да се спротивстави на идејата за редистрибуција на капиталот. Не само што таквите се легалисти: денес лоповите се и воени профитери, заедно со свитата од уметници, новинари и национално освестени интелектуалци, најодлучните бранители на „демократскиот дијалог“ и „политичката коректност“. И сите овие ентитети, премиере, денес се твои луѓе, за жал или за среќа.
Јас, на пример, со години повикував на мир, пријателство и соживот, за тоа добив квалификации дека сум терорист, соросоид, платеник. Уште ми го сменија името во „Неџат“, па со години ме клеветеа дека сум тежел преку 400.000 евра живи пари. А замислете, премиере, жив да не сум ако лажам: во мојата работна книшка, која уредно е заверена во Заводот за вработување, стои дека сум по професија Матурант (големата буква не е случајна!). Можно ли е, почитуван премиере – „најтатковски“ ве прашувам – матурант да испишува вакви текстови? Можно ли е неписмен и необразован да ви отвара вакви прашања пред цела македонска јавност?
Попатно, Ве молам, почитуван премиере: истражете го мојот случај колку пари сум набалирал, а ако најдете повеќе од 50. евра, јас ќе одговaрам кривично и материјално. Спремен сум да одам и во затвор веднаш откако ќе ја прочитате оваа колумна – и уредно ме проверите „по сите шавови“ – а ако не најдете ништо, како што и’ ништо нема да најдете, за сето клеветење што вашите пајташи ми го пружија, од државата барам репарација од еден милион евра, притоа тие пари мора да бидат оданочени, а не црни.
Може ли така да се договориме, почитуван премиере?
А сега збор-два за трагедија која се случи во Кочани. Притоа, еве, отворено ви велам пред сите: не ве обвинувам, само реторички ве прашувам: чии гласачи се сопственици на таа фамозна шупа и прчварница наречена „дискотека“ или „кабаре“ во Кочани? Половина милон гласови на изборите, сигурен сум, оставаат огромни концесии по вашиот јавен морал и јавен имиџ. И тука, се плашам, дека никој жив не може повеќе да ви помогне.
Оваа трагедија ќе си ја носите како Влада додека сте живи. Без разлика дали сте биле на власт до 2050 година или 3000-та година од третот милениум.
Вашето владеење повеќе не е важно. Само внимавајте попат на луѓето. Пробајте да владеете без жртви, како Господа ве молам. И верувајте ми, жал ми е за децата, жал ми е за нивните родители, и жал ми е и за сите нас во оваа земја, јебо ја нас, почитуван премиере. Јас, за волја на вистината, не се оддадов на хистеризирање на страдањето на децата во таа кочанска прчварница, а знаете ли зошто, почитуван премиере?
Огромен број на луѓе, вклучително и дебелогазите новинари, академици, професори и обични граѓани, не разбираат – или едноставно толку има сече – дека кога се работи за смрт на млади луѓе, и кога со нивната трагедија ја афектирате нацијата, не е далеку денот кога фашизмот ќе татне по улиците во нејакава и полураспадната државичка.
На крајот, дозволете да ве подучам уште малку со една „матурантска мистика“ на еден дипломиран Матурант: правдата е левичарски еквивалент на христијанското милосрдие: без разлика дали стигнува секогаш или никогаш, стигнува незаслужено.
Сега ни останува да се молиме за себе и другите.
Со искрен поздрав,
од еден регистриран гласач,
и дипломиран Матурант,
Ненад Јовановиќ
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.