Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Владата препорачува утрешниот ден да биде неработен во Кочани

Владата ги донесе следните чекори:

1. Државните институции се задолжуваат да препорачаат на локалната самоуправа и работодавачите од приватниот сектор да ги ослободат од работа вработените на подрачјето на Кочани.

2. Здравствените, образовните установи и градинките треба да организираат вршење на услуги согласно потребите.

3. Министерството за внатрешни работи се задолжува да преземе потребни безбедносни и сообраќајни мерки.

4. Министерството за здравство, во соработка со Центарот за управување со кризи и Територијалната противпожарна единица на Кочани, треба да преземат мерки согласно нивната надлежност.

Ова се заклучоците донесени од Владата. Дозволете ми исто така да ја информирам јавноста за безбедносниот протокол и насоките за етичко известување од погребот на жртвите.

Владата на Република Северна Македонија, во координација со Министерството за внатрешни работи (МВР) и во консултација со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), како и со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изготвија протокол за безбедност при известување од погребот на жртвите од трагичниот настан што се случи на 16 март во Кочани.
За претставниците на медиумите кои ќе известуваат за настанот, полициските службеници ќе обезбедат посебна зона од патот на поворката, на 300 метри од влезот на капелата до градските гробишта во Кочани. Овој простор ќе биде обезбеден од припадници на МВР со цел да се гарантира ред и безбедност во означената област. На оваа зона исто така ќе важи забраната за управување со беспилотни летала (дронови).
Овој медиумски протокол има за цел да ја заштити приватноста на семејствата на жртвите, додека истовремено овозможува новинарите и снимателите безбедно да го следат настанот од соодветна дистанца.
Имајќи ја предвид чувствителноста на оваа трагедија и универзалните етички стандарди за професионално известување, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ги повикува сите новинари и медиуми да се придржуваат кон следниве етички принципи:

Почитување на личната болка и достоинството – Новинарите треба да известуваат со емпатија, без да навлегуваат во приватноста на семејствата на жртвите.

Избегнување на сензационализам – Известувањето за трагични настани мора да биде ослободено од сензации, шпекулации или емотивно набиени наративи, фотографии и видеа.

Објавување на проверени информации – Треба да се пренесуваат потврдени факти за да се спречат дезинформации.

Зачувување на баланс и непристрасност – Медиумите треба да се осигураат дека нивното известување не придонесува за јавна вознемиреност.