Лидерот на опозицијата, Венко Филипче, вечерва се обрати до граѓаните по страшната трагедија во Кочани, во која животот го загубија десетици млади лица. Во својот говор, Филипче упати сочувство до семејствата на жртвите и ја истакна потребата од единство и целосна истрага за причините за несреќата.
„Со тешко срце денеска ви се обраќам во овие моменти на длабока тага. Македонија загуби млади животи, семејства изгубија најблиски, цели генерации останаа со непребол. Ова е трагедија што ја потресе целата земја и остава трага која никогаш нема да се избрише“, рече Филипче.
Тој потенцираше дека вчера бил во Клиничкиот центар, не како политичар, туку како лекар и човек, да им помогне на колегите и да се информира за состојбата на повредените.
„Ги видов нивните напори, но и нивната болка. Сакам да им изразам најсилна поддршка на сите кои се борат за секој живот и секој пациент“, додаде тој.
Филипче јасно порача дека истрагата мора да биде целосна и објективна, без заштита на никого.
„Ако сакаме граѓаните да ја вратат довербата, мора да осигураме целосна транспарентност. Никој не смее да биде поштеден – ниту актуелни, ниту поранешни службеници. Ова не е прашање на политика, туку на вистина и правда“, нагласи лидерот на опозицијата.
Филипче апелираше безбедносните служби внимателно да ја анализираат ситуацијата и предупреди дека доколку остане сомнеж во истрагата, тоа може да доведе до длабока криза.
„Ова е ситуација во која мора да сме сплотени и да покажеме дека вербата во вредностите, принципите и државата е посилна од сè“, заклучи тој.